Да се ужива во филмските проекции значи да се сака киното како простор кој ја надминува желбата за забава, па така киното за многумина почнува да означува простор каде што проекциите се надополнети со дружби, разговори и средби на многу филмофили и филмаџии. Токму поради тоа ние сме особено горди што оваа година можеме по трет пат во рамките на Фестивалот на немиот и класичен филм, кој се одржува во Кинотека, да ви понудиме извонредни филмски проекции на ретки филмски бисери и нови филмски реставрации.

ТРЕТО ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ НА НЕМ И КЛАСИЧЕН ФИЛМ ќе се одржи од 29 август до 4 септември во Кинотеката на РС Македонија, а ќе почне со претфестивалска проекција на документарниот филм АДИО ЈУГОФИЛМ, АДИО ЈУГОФЕСТИВАЛ, АДИО ЈУГОСЛАВИЈА… СЕ ГЛЕДАМЕ ВО СЛЕДНАТА ВОЈНА на култниот хрватски актер и режисер Игор Гало. Годинава тој ќе биде гостин и пред проекцијата ќе зборува за своето творештво, но и за темата на неговиот филм – историјата на Филмскиот фестивал во Пула.

Официјалното отворање на фестивалот ќе биде на 30 август, со проекција на немиот филм КАЛАБАКА: ТАЈНИТЕ НА НЕПОЗНАТАТА ЕВРОПА од 1928 година што претставува еден вид кинематографски извештај за една експедиција на Балканот. Германската филмска компанија „Хегевалд“ го испраќа патувачкиот репортер Фред фон Болен-Хегевалд од Австрија кон југот на Европа па сè до Багдад во специјален „репортерски“ автомобил. Филмските слики што ќе ги сними тој во тие години на минатиот век се извонреден филмски документ за нас, особено затоа што минува низ повеќе места, како во Скопје, на пример, каде што ќе посети едно од дервишките теќиња и ќе ги сними тамошните обреди. Филмската проекција на овој прекрасен филм од немата ера ќе биде надополнета со оригинална музичка изведба во живо на Добрила и Доријан дуо.

Проекцијата на филмот КАЛАБАКА: ТАЈНИТЕ НА НЕПОЗНАТАТА ЕВРОПА е во соработка со EYE Filmmuseum од Амстердам, а како дел од таа соработка публиката, исто така, ќе може да го види и филмот БРИЛИЈАНТНИОТ БИОГРАФ: НАЈРАНИТЕ ПОДВИЖНИ СЛИКИ НА ЕВРОПА (1897 – 1902) – компилација на филмови од најголемата зачувана збирка на „Мутоскоп и Биограф“ во светот.

За нас е особено значајно што оваа година гостинка на фестивалот, покрај Гало, ќе биде и Елиф Ронген-Кајнакчи, куратор на неми филмови во Eye Filmmuseum oд Амстердам. Таа ќе одржи и две работилници – едната за идентификација на неми филмови, а другата за платформата за музички партитури за неми филмови – Eye Film Player – која неодамна холандскиот филмски музеј ја направи достапна за јавноста.

Покрај овие проекции, благодарение на соработката со ГЕТЕ-институтот во Скопје, дел од фестивалската програма ќе биде циклусот филмови на германскиот режисер Волкер Шлондорф. Од депоата на Хрватската кинотека при Државниот архив на Хрватска, македонската публика ќе може да проследи три циклуси на кусометражни филмови: анимираните филмови произлезени од Студиото за анимиран филм на „Загреб филм“, потоа документарни и кратки играни филмови од хрватски автори, како и циклусот неми филмови во режија на хрватскиот филмски пионер Октавијан Милетиќ. Во рамките на оваа програма, гостин на фестивалот ќе биде и Јурај Кукоч, филмски архивист и филмски критичар од Загреб.

Покрај овие циклуси, на фестивалот ќе бидат прикажани неми и класични филмови од архивот на Кинотеката. Музичката придружба на немите филмови ќе ја изведува македонскиот џез-пијанист, аранжер и композитор Гордан Спасовски.

И на крај, на 4 септември, фестивалот ќе се затвори со проекција на ново- дигитализираниот филм МЕМЕНТО од 1968 година во режија на Димитрие Османли, кој годинава беше дел од проектот „Сезона на филмските класици“, организирана од АЦЕ (Асоцијација на европските кинотеки).

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.