Третиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје започнува со романот „Сè уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска. Разговорот со авторката ќе се одржи на 4 септември (среда) во 19:00 часот во спомен-собата „Т’га за југ“.
„Сè уште можам нешто да сторам“ е роман за суштинската промена однатре, промена која настапува како резултат на силни и длабоки потреси, искрени соочувања со себеси, долги разговори во себе низ бројни непроспиени ноќи, роман за чудесното, соништата и постојаното поместување на границата помеѓу тие два света: реалното и чудесното, посочува издавачот Или-Или.
Пармаковска е родена во Скопје, 1985 г. Дипломирала на Филолошки факултет, а магистрирала на Институт за македонска литература. Има објавувано раскази во книжевни списанија, а во 2013 г. го објави романот „Пишувајќи ги изгубените топки“ (Култура). Нејзиниот втор роман, „Вишнова хроника“ (2014, Или-Или) влезе во финале за наградата Роман на годината на „Утрински Весник“. Преведен е на бугарски и украински јазик. „Одбројување“ е нејзин трет роман, за кој ја доби наградата Роман на годината за 2017 година. Преведен е на српски и на бугарски јазик. Во 2018, ја има добиено наградата „Најсупешен автор“ што ја доделува МАИ. Во септември 2020 година излезе нејзиниот четврт роман „На враќање“ во издание на Или-Или. Преведен е на бугарски јазик. „Сè уште можам нешто да сторам“ е роман објавен во 2023, во Или-Или. Добитник е на „Рациново признание“ за најдобра прозна книга за 2023 година. Член е на ДПМ од февруари 2018 година.
Разговорот со Пармаковска ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.