„Теремин -вокс фантазија“ е насловен камерниот концерт кој ќе се одржи овој четврток во 20 часот во Камерната сала на Филхармонија. Како солистка на теремин ќе настапи Ива Дамјановски, а настапуваат и Маријана Николовска (пијано), Татјана Петрушевска (обоа),
Мартин Димитров (виолина), Марија Трајковска (виолина), Илза Бафтиари (виола) и Паскал Краповски (виолончело). На програмата се дела од Б. МартинуК. Ајк и М. Јовановска.

Ива Дамјановски (1996)  е дипломиран пијанист на Факултетот за музичка уметност при УКИМ. (2019) во класата на проф. Тодор Светиев. Моментално е студент на катедрата за Музикологија, на универзитетот „Università di Trento“, како и на катедрата по Музичка интерпретација и композиција на Факултетот за музичка уметност при УКИМ – Скопје во класата на прoф. Марија Ѓошевска. Добитник е на наградата на УКИМ за најдобро дипломиран студент на Факултетот за музичка уметност во учебната 2018/2019 година. Автор е на научната статија „Сценското дело на иднината: современиот перформативен феномен, неговиот развој и комуникација со публиката.“, објавена во четвртото издание на научното списание “Ars Academica” (2016). Автор е и на трудот ELELORP 76: MUSICA NOVA MACEDONICA. Електроакустичната музика во Македонија, нејзиниот развој и карактеристика“, презентиран во рамки нанаучната конференција на 42-то издание на манифестацијата „Струшка Музичка Есен“, издаден во официјалниот зборник.

Таа е дел од организацискиот, режиски и изведувачки тим на серијата концерти „No Hay Banda“ посветени на филмската музика, во соработка со Академската сцена при Факултетот за драмски уметности при УКИМ, Скопје (2017- 2019). А, исто така, таа е организатор, режисер и изведувач на концертните проекти „Монохроматика“ (дел од програмата на манифестацијата „Денови на Македонска Музика“, 2018 ) и „Монолози“ (дел од програмата на фестивалот „Златна Лира“, 2018). Моментално работи хонорарно како корепетитор на Факултетот за музичка уметност при УКИМ и е дел од експерименталното дуо „Алембик“. Нејзината прва композиција за пијано, „Breath“ е објавена во компилацијата „Kлавирско небо 3″ во издаваштво на продукциската куќа „Pop Depresija“. Во 2021 го реализира и својот солистички концертен проект „Аs we danced we gave substance to shadows“, на кој за првпат настапува, покрај пијано програмата и со изведба на теремин. Добитник е на наградата „Игор Исаковски“ за најдобар дебитантски поетски ракопис во 2017 г. за стихозбирката „Тие“ (2017, Блесок), кој го добива своето второ и дополнето издание во 2019 г. (ПНВ Публикации). Во 2020 е издадена и нејзината втора стихозбирка „Двоумење“, за која и е доделена наградата „Браќа Миладиновци“ на “Струшките вечери на поезијата”. Нејзината поезија е застапена во многу антологии и списанија за книжевност. Добитник е на третата награда на конкурсот „Антево Слово“ за најдобра необјавена песна (2021), како и специјалната награда на меѓународниот натпревар “Castello di Duino” во Трст, за најдобра необјавена песна со значајна социјална или хуманистичка порака (2021).Учествувала на голем број поетски читања во и надвор од државата, меѓу кои и „Астални проекции“ и нејзината поезија е застапена во монографијата посветена на поетската манифестација (2019, “Бегемот”),како и голем број други поетски читања во Скопје. Нејзината наградена книга „Двоумење“ доби две претставувања во Осиек и Нашице во рамки на манифестациите „Денови на македонската култура“ и одбележувањето на 160 години од зборникот на Миладиновци. Нејзината поезија е преведувана на српски, грчки, хрватски, словенечки, англиски, албански, шпански, италијански, бенгалски и романски јазик.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.