Во Археолошкиот музеј Стари град во Будва, Црна Гора, е отворена изложбата „Теракотните икони од Виничко Кале“, што заедничи ја организираат Јавната установа Музеи и галерии – Будва и Музејот „Теракота“ од Виница.

Изложбата е дел од програмата за одбележување на Денот на Општина Будва, а репрезентативната збирка на познатите теракотни икони посетителите ќе можат да ја видат до 15 јануари.

Авторки на изложбата се Јулијана Иванова, Благица Стојанова и Магдалена Манаскова, а на отворањето беше нагласено дека приказите на теракотните икони зборуваат за универзалноста на христијанскиот свет и цивилизацијата меѓу 5 и 6 век, што асоцира на оригиналност и сакрална естетика.

-По успешната презентација на изложбата во главниот црногорски град Подгорица, како и поради големата заинтересираност на посетителите, музејот „Теракота“ се претставува во еден од најголемите туристички центри на Јадранот. Отворањето на изложбата беше проследено со колеги археолози од Црна Гора, а имаше посетители од Будва, но и од повеќе земји во светот. Се надеваме дека посетеноста ќе биде уште поголема во текот на претстојните новогодишни и божиќни празници, кога расте и фреквенцијата на туристи и посетители на музејот, истакна Сара Даневска, директорка на Музејот „Теракота“.

На изложбата во Будва пред културната јавност се претставени 12 теракотни икони и осум пишани материјали.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.