Вчеравечер во неформалниот простор „Кафе и филм Котур“ се одржа проекција на нови танцови филмови, како дел на проектот на колективот „Танц Бункер – платформа за независен танц” под насловот „Поп Ап”. Беа прикажани два краткометражни уметнички филмови како дел од проектот уметничка резиденција и филм на тема „Тело во фокус” и тоа: „Trespassing MKD“ во режија на Адријана Данчевска Ровчанин, која е автор на концептот во соработка со короеграфот Дејан Битровски и „ЛИМА“ – во режија на Батухан Ибрахим и кореографија Ивана Балабанова.

За „Trespassing MKD“ авторите ќе нагласат дека тоа е експериментален современ танцов филм кој ја истражува темата на trespassing— во буквална, но и метафорична смисла, не само преку физичките граници на телото туку и преку идентитетот на танчерите. Филмот ни открива како телото може да го предизвика строгото ограничување поставено од урбаниот амбиент, преминувајќи ги архитектонските и општествените лимити. Идеите на Данчевска стануваат форма на бунт против конвенционалното и очекувањата поставени кон неа како автор кој делува во областа на современиот танц. Симболите низ движење создаваат дијалог помеѓу човечкото изразување и изградениот амбиент. За „Trespassing MKD“ камерата е на Борис Ралев, постпродукцијата на Тео Ангеловски, музиката на Александар Гроздановски. Фотографија и постер изработи Ивана Мојсовска Головска, а во филмот настапуваат Дејан Битровски, Адријана Данчевска Ровчанин, Наташа Трендафилова Гицев, Антонија Димитриевска и Нина Петрушевска. Костимите се на Скопје танцов театар.

За „ЛИМА“ режијата е на Батухан Ибрахим, кореографија ната Ивана Балабанова, директор на фотографија е Стефан Ѓорѓиевски, костимите на Ивана Балабанова, Снежана Чоловиќ и Маја Ѓуреска, а шминката на Павел Маслов. Во филмот настапуваат танчарите Стефани Шаршмит, Тереза Лазарев и Софи Ларсон.

Проекциите на двата филма ќе се одржуваат во континуитет во следните два дена, така што сите заинтересирани можат да ги видат.

Танц.Бункер е колектив основан од истакнатите кореографи и танчари Адријана Данчевска, Дејан Битровски и Ивана Балабанова, кој има за цел да ја редефинира современата танцова сцена во Македонија. Со децениско национално и меѓународно искуство, овие уметници се стремат да го оживеат локалниот танцов пејзаж преку поттикнување на креативноста, слободата на изразување и иновацијата надвор од традиционалните институционални рамки. Водени од заедничката визија, Танц.Бункер има за цел да ги предизвика постоечките норми и да го прошири вокабуларот на сценскиот израз, поставувајќи нови стандарди во кореографијата и изведбата. Преку комбинирање на своето богато уметничко и организациско искуство, колективот планира да развие одржлива платформа за негување на млади таленти и промовирање на разновидни, динамични продукции. Нивната крајна цел е да внесат нова енергија во локалната танцова сцена и да ја постават Македонија како значаен играч на глобалната сцена на современиот танц.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.