Во вторник, на 9 април 2024 година, во Театарот „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“ во Велес, со почеток во 20:00 часот, љубителите на театарската уметност ќе може да ја погледнат Театарската претстава „Дневникот на лудиот 1“ во продукција на Театар „Златен Елец“ од Скопје.

Автор: Николај В. Гогољ
Режија: Ѓорѓи Ризески
Игра: Бобан Алексоски
Асистент на режија: Тамара Стојаноска

 

Награди и номинации:
– Награда за најдобра режија за Ѓорѓи Ризески на „БАТТИФ“ Тирана, Албанија (2017)
– Награда за најдобар актер за Бобан Алексоски на „БАТТИФ“ Тирана, Албанија (2017)
– Награда за најдобар актер за Бобан Алексоски на „Лица без маски“ Скопје (2019)
– Награда „ПРЕСПАНСКИ ДИОНИС“ за Бобан Алексоски на „Актерот на Европа“ Преспа, Ресен (2020)
– Номинација за најдобра режија за Ѓорѓи Ризески на Saint Muse Theater Awards, Интернационален театарски фестивал во Улан Батор, Монголија (2020)
– Номинација за најдобар актер за Бобан Алексоски на Saint Muse Theater Awards, Интернационален театарски фестивал во Улан Батор, Монголија (2020)

Билетите може да се набават на билетарницата на театарот по цена од 200 ден. и онлајн по цена од 250 ден. преку „Купи Карти За Се“ линкот за билети. Работно време на билетарницата во Велес од 10 до 14 часот и од 18 до 20 часот.

 

Дневникот на лудиот“ е авторски проект, трилогија на три монодрами работени по текстови на различни автори (Гогољ, Лу Син и Ги Де Мопасан). Проектот е започнат со работа во септември 2017 година и трае и се надоградува сѐ до денес со успешни 54 изведби на многубројни фестивали и гостувања. Секоја монодрама од трилогијата може да се игра како засебна претстава, но и заедно како поврзана приказна. Проектот ги истражува сите досегашни текстови напишани на тема „Дневникот на лудиот“ и е еден од ретките проекти во Македонија кој се занимава со сериски театар со три продолженија.

„Првиот дел од трилогијата „Дневникот на лудиот“ се занимава со тоа колку е важно да се има поддршка за да се успее во животот, колку сме виновни што сме добиле или не сме добиле од него. Разочарувањето не е одговор, има нешто среќно што го трагаме сите, но многу пречки што самите сме ги создале не ни дозволиле за да конечно го најдеме и му се радуваме до крај. Денес сите некако стравуваат да дадат вистински одговори и владее лицемерие на големо, владеат и лагата и лакомоста. Со една реченица – себичното општество го оштетува човекот до крајот на животот“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.