„Татко на татковината“ е нова премиера на ансамблот на битолскиот театар која утрвечер ќе биде изведена на сцената „Благој Стефановски-Баге“.

Автор и режисер на претставата е гостинот од Хрватска Иван Пеновиќ кој на прес конференција во Битола посочи дека претставата е адаптација на култната драма на Алфред Жари, „Кралот Иби“.

-Оваа претстава во претстава ги доведува во судир двата света, оној отворено фиктивниот и оној што се преправа дека не е тоа. Во таа хаотична средба гледаме приказна што речиси со детски јазик ги отвора прашањата за идентитетот, како индивидуалниот, така и колективниот. Мама и Тато Иби го покренуваат дејствието во оваа претстава преку незаситното барање внимание, поставувајќи го чувството за припадност како основа во формирањето на цврст идентитет, истакна режисерот Пеновиќ.

До крајот на годината НУ Народен театар-Битола ќе подготви и премиерно изведе претстава за деца со наслов „Божиќна приказна“, а со претставата „Демони“ ќе учествува на театарски фестивал во Сараево.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.