„Танец низ татковината“ е долгогодишен проект на НУ „Танец“ кој претставува циклус концерти во центрите на културата низ земјата. Во последниве неколку години ансамблот имаше свои успешни претставувања во речиси сите македонски градови кои имаат сцени за овие концерти – Велес, Прилеп, Куманово, Битола, Охрид, Тетово, Штип, а овој четврток, на 2 ноември, со радост ќе и се претстави и на публиката во Струга.

Ваквите целовечерни концерти на големиот ансамбл на НУ Танец (играорен, вокален ансамбл и оркестар) се составени од атрактивна играорна и вокално-инструментална програма од разни региони, на кои се создавало македонското музичко-сценско фолклорно творештво.

Сите учесници на себе носат автентична носија, соодветна на репертоарот кој го изведуваат, а кој покрива различни етнографски региони на Македонија.

Ансамблот „Танец“, кој следната година ќе наврши 75 години од своето постоење, е вистински симбол на македонската култура и уметност и врвен репрезент на нашата духовност. Постојаниот контакт со домашната публика низ целата територија на државата има клучна улога за опстанокот на македонскиот музичко-сценски фолклор и е од исто толкаво значење како и претставувањето надвор од границите на земјата. Главната цел на овие концерти на „Танец“ е доближување на македонското фолклорно богатство и музичко-сценско творештво до нова публика.

Затоа, НУ „Танец“ посветува внимание токму на овие концерти пред домашната публика и конципира разновидна програма, составена од кореографски постановки содадени во различни периоди од историјата на ансамблот.

Публиката во Центарот за култура во Струга ќе може да ужива во неколку раскошни кореографски постановки во изведба на целиот ансамбл, како антологиската „Жетварка“, „Водарки“, „Пиринско пролетно цвеќе“, „Радовишки собор“, изворното оро „Копачка“, но и повеќе вокално-инструментални точки изведени од оркестарот, хорот и солистите на „Танец“, соопштуваат од ансамблот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.