Свечено собрание на Друштвото на филмските работници на Македонија што ќе се одржи во 10 часот во Кинотеката, ќе биде првата содржина на 4. издание на манифестацијата „Златна рамка“. Во 14 часот е закажана работилница МЕДИА – Од идеја до успешен МЕДИА проект, што ќе се одржи во Europe House Скопје.

Во 19 часот е закажана документарна програма во киното „Фросина“. Ќе биде прикажан филмот „Брод со бисери“ во режија на Александар Зиков, на ДЕА филмска продукција. Свеченото отворање ќе следува во 20 часот во хотелот „Александар Палас“.

„Златна рамка“ е годишна ревија на македонските филмови произведени во минатата календарска година.
Настанот ќе трае четири дена и ќе бидат прикажани филмови, поделени на документарна, краткометражна и долгометражна програма. Ова е единствена можност публиката и критиката да ги погледнат сите наши филмови на едно место. Иницијатор и организатор на „Златна рамка“ е Друштвото на филмските работници на Македонија. Ќе бидат организирани и трибини и работилници наменети за филмски уметници.

Повеќе за програмата на следниот ЛИНК.

Годинава, проекции ќе има за штитениците во Домот за стари лица „Мајка Тереза“ – Скопје на 11 јуни, додека во Градската општа болница „8-ми септември“ и во затворот „Шутка“, ќе бидат прикажани филмови на 12 јуни

Четвртото издание на „Златна рамка“, ревија на македонски филмови во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ), ќе се одржи од 9 до 12 јуни во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар. Оваа година ќе бидат прикажани осум филмови од минатогодишната продукција, од кои три долгометражни филмови, еден документарен и четири краткометражни филмови.

Значаен новитет на „Златна рамка 22“ е отпочнување на социјалната програма „Фокус“, која ќе биде наменета за публиката која од најразлични социјални ограничувања не може да го посети киното „Фросина“. Водејќи се од ова сознание, ДФРМ одлучи филмот да го донесе пред оние граѓани, во институциите каде што се затекнати поради најразлични околности (пензионерски домови, затвори, болници, домови за деца, казнено-поправни домови итн.).

Филмската уметност им припаѓа на сите, без исклучок. Филмот, од самата негова појава пред речиси 130 години се до денес е постојан придружник на современиот човек, без разлика на неговиот материјален, образовен и социјален статус. Но, за жал, а особено на овие наши простори, постојат извесни групи на граѓани кои од најразлични причини се социјално маргинализирани, изолирани и спречени да восприемаат филмска уметност, што пак во современиот свет претставува елементарно човеково право, без разлика на статусот на секој еден од нас.

Водени од мотото „ако вие сте спречени да дојдете на филм, ние филмот ќе го донесеме кај вас“, годинашната „Златна рамка“ ќе биде одбележана и со организација на проекции во рамки на установи и институции каде што живеат или престојуваат лица што не можат да одат во кино ниту да посетат филмски фестивал или друг вид на настан. Годинава, проекции ќе има за штитениците во Домот за стари лица „Мајка Тереза“ – Скопје на 11 јуни, додека во Градската општа болница „8-ми септември“ и во затворот „Шутка“, ќе бидат прикажани филмови на 12 јуни

Овие дисперзирани проекции како дел од „Златна рамка 22“, а поместени во програмата  „Фокус“, во иднина ќе бидат надградени со инвентивни работилници и проекции чија крајната цел е инклузивноста на маргинализираните групи на граѓани во тековите на културниот живот.

Друштвото на филмски работници на Македонија верува дека филмската уметност и нејзината повеќекратна семантичка димензија е благороден начин на комуникација и можност за подобрување на животот и на оние луѓе кои судбината од различни причини ги ограничила во нивното движење, дејствување и желба за социјална интеграција. Оваа социјално одговорна програма е иницијатива на „Златна рамка“ и ќе се практикува и во иднина.

 

 

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.