На Малата сцена на Националната опера и балет на 14 јуни (среда) од 20 часот, „Балкан опера студио“ во копродукција со Оперското студио при Театарот на Литванската национална опера и балет и нашиот оркестар „Профундис“ под диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ ќе ја изведат омилената опера од Моцарт, „Свадбата на Фигаро“.
Изминатиов период исклучителна екипа составена од врвни професионалци и млади надежи работеше на поставката на ова оперско дело. Режијата и продукцијата се на Љупка Јакимовска и Дамјан Попоски, музичкиот директор на Оперското студио при Литванската национална опера и балет Раминта Лапсатис ќе настапи на чембало, а соработник на пијано е Јанинка Невчева. Насловниот лик му е доверен на Јонас Сакалаускас, а нему на сцената ќе му се придружат Емилија Финагејеваите, Невен Силјановски, Јулија Каралиунаите, Силвија Плешке, Миндаугас Мишкинис, Лауринас Аксамитас, Мартина Мокшецкаите и Марко Димовски, додека во улогата на грофицата Алмавива, како специјална гостинка, ќе настапи првенката на Литванската опера, Јоана Гедминтаите.
Влезот за ова исклучително македонско-литванско-хрватско оперско искуство е слободен (согласно капацитетот на салата), а организаторот „Балкан опера студио“ им се заблагодарува на Националната опера и балет, директорот Васо Ристов и уметничкиот раководител на Операта, Дејан Прошев за соработката и поддршката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.