Во Библиотеката на градот Белград вечер ќе се одржи промоција на книгата „Срма за Ацо Шопов“. Издавач е Здружението „Македониум“ од Белград.
Книгата е збирка на песни и есеи на македонски и српски јазик, инспирирани од ликот и делото на македонскиот поет и еден од основоположниците на современата македонска поезија Ацо Шопов.
Песните и есеите, како што се наведува, пристигнале на литературниот конкурс кој Здружението „Македониум“ го распиша на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 Февруари, а по повод 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов.
– На конкурсот пристигнаа преку 200 песни и десетина есеи, од речиси 90 автори од целиот регион: Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Словенија, информира Здружението „Македониум“ од Белград.
Насловната страница е авторско дело на сликарката Елизабета Јорданоски, инспирирана од поетската збирка „Небиднина“ на Ацо Шопов.
Рецензенти на книгата се Гордана Влајиќ, заменик претседател на Друштвото на писателите на Србија и Христо Петрески, претседател на Друштвото на писателите на Македонија.
Книгата е издадена со помош и поддршка на македонските министерства за култура и за надворешни работи, српското министерство за човекови и малцински права и општествен дијалог, Покраинскиот секретаријат за култура, информирање и односи со верските заедници, како и Македонскиот национален совет во Србија.
Во програмата ќе учествуваат застапените автори во книгата, актерите Зоран Митровиќ и Алексеј Јорданоски и пијанистот Никола Павлов.
– Здружението „Македониум“ од Белград работи и придонесува во афирмацијата на македонското културно наследство на национален и меѓунационален план, преку примерот на Ацо Шопов, истакнува Зорица Митровиќ, претседателка на Здружението и автор на овој проект.
Македоnската промоција на книгата ќе се одржи на 28 ноември 2023 година во Скопје, во Домот на културата „Кочо Рацин“ во 19 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.