Деновиве од печат излезе романот „Среќните луѓе не слават родендени“ од Сашо Кокаланов, како книга бр. 225 во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа Или-Или од Скопје.

Романот „Среќните луѓе не слават родендени“ е семејна драма за едно сиромашно семејство од Дримкол, инспирирана од вистинска приказна и претставува краток, згуснат книжевен запис кој на очигледен и нескриен начин кокетира со еден сосема поинаков јазик од книжевниот – филмскиот. Романот не крие дека е роден како сценарио за филм, а потоа при метаморфозата авторот намерно настојува четивото да си го промени крзното, но не и ќудта.

Динамиката на романот е повеќе од очигледно филмска. Описите се онолку детални колку што е потребно за да може природно убедливо, но и вехементно да бидат визуелизирани од читателот, а дејствието и сликите се менуваат – ајде да ја избегнеме фразата „како на филмско платно“ и да бидеме уште попрецизни – така што ќе му понудат привид на гледање филм снимен во еден кадар. Можеби оттука и одлуката на авторот приказната да ја раскаже Бернардовски, во еден пасус, во еден здив, со „претопи“ на фокусот од еден кон друг лик, изведени на еден иновативен јазичен манир – во една иста реченица.

Како што Дерида ќе каже во неговата теорија за книжевноста: „не постои ништо надвор од текстот“, така и за овој роман можеме да кажеме дека не постои ништо надвор од кадарот што текстуално е создаден пред нас, а сепак, севкупноста на делото, на крајот на читањето/гледањето нуди една јасна метафора за човечките судбини во времето што го живееме и поставува едно егзистенцијално прашање за човековата среќа и можноста да се биде среќен во времиња кои се контекстуално несреќни.

Сашо Кокаланов е писател, сценарист, драмски писател, сатиричар, новинар.

„Среќните луѓе не слават родендени“ е негов шести роман. Работи како професор по филмско и телевизиско сценарио на ФДУ во Скопје.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.