По повод излегувањето од печат на македонското издание на книгата „Езерата и империите во македонската историја – оспорување на водите“, на 4 октомври (вторник) 2022 година, во 12 часот, во Мултимедијалниот културен центар Матица Ексклузив ќе се одржи средба со авторите, на која присутните низ разговор ќе можат изворно да се запознаат со пораките на ова ретко научно дело. На страниците на оваа книга познатите научници и проследувачи ја раскажуваат приказната на Нивици/Псарадес, крајезерско село, сместено на брегот од Големото Преспанско Езеро. Ова село, неконвенционално според својот начин на живот, ги отелотворува сите спротиставености на модерната македонска и регионална историја. Истражувајќи ги и проучувајќи ги историските корени на областа, Џејмс Петифер и Миранда Викерс вешто ја откриваат пошироката општествена, културна и политичка историја на овој малку познат езерски регион. Создадена од усни сведоштва и преданија, и многу внимателна кон изградбата на националните истории, оваа книга го разгледува како развојот на меѓународните граници, движењето на народите и улогата на националните идентитети кои во рамките на царските граници ја обликувале денешна Македонија. Фокусирајќи се на преспанските езера и користејќи ја иновативната еколошко-историска методологија, Петифер и Викерс ја нудат првата еколошка историја на овој често оспоруван пограничен регион. Резултатот е нијансиран и претставува префинет транснационален извештај за Македонија од најраните векови.

Според Сабрина П. Рамет, професор емеритус на Норвешки институт за наука и технологија: „ова научно дело е одраз на речиси тридецениско истражување на двајца ветерани, познавачи на Балканот, во миговите на зенитот на нивната слава. Богата со детали – од времето на македонските лавови и гладијатори во антиката до периодот на дваесеттиот век – во оваа книга се зборува за регионот на Преспанското Езеро, вгнездено меѓу Албанија, Грција и Македонија, како призма низ која треба да се разберат политиките што го засегаат целиот Балкан. Ова дело е едно од најдобрите историски наративи.“

Џејмс Петифер е професор по Балканска историја во Оксфорд, Обединетото Кралство. Тој е автор на неколку студии за модерната балканска историја, вклучително и Создавањето на грчката криза (2015), Ослободителната војска на Косово (2012) и Новото македонско прашање (2001).

Миранда Викерс е независен научник, што живее во Обединетото Кралство.Таа е автор на неколку дела за Балканот, како Албанците: модерна историја (2011), Албанското прашање: преобликување на Балканот (со Џејмс Петифер, 2009) и Албанија: од анархија до балкански идентитет (исто така со Џејмс Петифер, 2000).

Книгата „Езерата и империите во македонската историја – оспорување на водите“ ја објави „Матица македонска“ од Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.