Современата македонска книжевност се претставува на Саемот на книгата во Франкфурт 2024
Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) оваа година по четврти пат ќе ја претставува современата македонска книжевност на 75. издание на Саемот на книгата во Франкфурт, што ќе се одржи од 16 до 20 октомври.
Претставувањето на современата македонска книжевност на најголемиот светски саем во областа на издаваштвото оваа година ќе биде под мотото „Одеци на минатото, гласови на иднината“. Нашата земја оваа година има промотивен штанд со големина од 32 квадратни метри, кој е сместен во четвртата хала за меѓународни учесници. Современата македонска книжевност ќе ја промовира делегација на МАИ, составена од седуммина членови.
За саемското претставување, Македонската асоцијација на издавачи изминатиот период од неколку месеци работеше на обемен проект – превод од македонски на англиски (целосно или делумно) на 11 репрезентативни дела од современата македонска книжевност. Некои од преводите ги изработија самите автори кои се англисти, а останатите врвни преведувачи од македонски на англиски.
Целта на овој значаен проект, на кој со месеци работеше работната група во рамки на МАИ, е современите дела од нашите автори да можеме да ги понудиме на широкораспространетиот англиски јазик, со цел што повеќе издавачи од светот да можат да ја прочитаат нивната содржина. На тој начин, овие преводи и асоцијацијата, и издавачите и авторите ќе ги имаат како трајна придобивка – ќе можат да се користат и за посредни преводи од јазици низ светот за кои нема преведувачи од македонски, вели Бојан Саздов, претседател на МАИ.
За целите на саемот, МАИ подготви и саемски каталог во кој на привлечен начин се претставени 50 автори, претставници на современата македонски книжевност. На штандот ќе бидат претставени и бројните преводи на овие наши автори на големите светски јазици, како англиски, француски, германски, шпански, италијански…
И оваа година, издавачите овој најголем и најпрестижен книжевен саем ќе го искористат за промоција на нашата современа книжевност и преку деловни средби „лице в лице“, каде што ќе воспостават соработки со странски партнери и ќе ја промовираат нашата земја.
На 16 октомври, на првиот, најпосетен и највозбудлив ден од саемот МАИ ќе организира и коктел-забава за вмрежување со досегашните и идните соработници.
Саемот на книгата во Франкфурт, кој се смета за најголема и најпосетена манифестација од овој тип, оваа година се одржува по 75-ти пат. Земја која оваа година е почесен гостин е Италија. На саемот ќе учествуваат над 4.000 изложувачи од 95 земји во светот. На саемот ќе има над 2.600 настани, 7.000 новинари од 64 земји и претставници на 324 агенции за авторски права. Досега, пред почетокот на саемот, влезници имаат купено 105.000 посетители.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.