Во „Салон 19:19“ во Културно информативниот центар во Скопје, беше промовирана книгата „Со свои зборови: интервјуа (1985 ‒ 2023)“ од Сергеј Андреевски.

Книгата „Со свои зборови: интервјуа (1985 ‒ 2023)“ претставува прошетка низ времето, нѐ враќа на самите почетоци на сликарската кариера на Сергеј Андреевски. Таа прошетка се личните ставови на еден македонски ликовен уметник со меѓународна кариера за уметноста, животот и секојдневното битисување искажани во серија интервјуа, разговори и изјави, почнувајќи од 1985-тата година, па сѐ до 2023 година.

Добредојдовте во светот на Сергеј Андреевски): свет на боите (во кој доминираат зелената и црвената), во кој нијансите говорат, и тоа експресионистички гласно!, комуницираат со музиката, со звуците на природата, со птиците, со коњите, со кучињата… со луѓето во селата и во градовите; додека прстите на уметникот се во вечен судир, војуваат, со хартијата и со платното, разоткривајќи ја притоа животната приказна на сликарот и човекот Сергеј Андреевски. Сликар на чувствата. Сликар ‒ номад. Сликар – џез-музичар. Сликар ‒ поет и раскажувач.

Во овој избор од четириесетина разговори, интервјуа и изјави за медиумите во периодот од 1985 година, веднаш по завршувањето на студиите на Факултетот за ликовни уметности, па сѐ до крајот на 2023 година, Сергеј Андреевски „Со свои зборови“ раскажува за неговите почетоци, за неговото семејство, за Скопје и за Слоештица, за сите места на кои изложувал и творел, на речиси сите континенти на светот, за повеќе од 60 самостојни и повеќе од 200 групни изложби, претставувајќи го македонското ликовно творештво во светот, но и донесувајќи го светот кај нас, во Македонија, во Слоештица, на неговото семејно „АРТ ПОИНТ ‒ ГУМНО“.

Кога го започнувавме процесот на уредување, се надевавме на материјал од околу 160-тина страници, колку што првично бевме замислиле да има оваа книга. Но како одминуваше времето, и како што се отвораа личните архиви на авторот, сфативме дека треба да направиме избор од материјалите, оти ги има за барем двојно од бројот на страниците на оваа книга. Па, во Вашите раце е тој избор од позначајните изјави, разговори и интервјуа на Сергеј Андреевски за разни весници, списанија и други медиуми, од изминативе, безмалку, 40 години.

Преку оваа книга, ќе имате можност да го запознаете Сергеј Андреевски, не само како уметник, туку и како личност. Неговите мисли и размислувања за уметноста, за состојбите кај нас и во светот, за односот на државата кон луѓето од културата, изразени низ годините, ќе Ви овозможат да го почувствувате неговиот креативен развој, инспирациите, неговиот немирен дух што ги сака промените, патувањата… но и неговата љубов кон татковината, кон кроткоста на Слоештица и нејзините жители, кон боите, звуците и вкусот на плодовите од нашата земја, но и предизвиците со кои се соочува додека храбро истапува „во натпревар“ со светот.

Ми претставува чест и задоволство да Ви ја претставам оваа книга, ова сведоштво за животот и делото на еден од најзначајните современи ликовни уметници кај нас, исклучителен човек, вистински амбасадор на Македонија во светот, Сергеј Андреевски, и се надевам дека неговите мисли и ставови, ќе Ве инспирираат и ќе Ве поттикнат да дејствувате слично, вели Јулијана Величковска, уредник на изданието.

Сергеј Андреевски (1960, Скопје) е академски сликар и основач на меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „АРТ ПОИНТ – ГУМНО“, со седиште во с. Слоештица, каде што е и куратор на Меѓународната уметничка резиденција и колонија, што успешно се реализира од 2003 година.
Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1985 година, а бил и стипендист во Рим („Галерија ди арте модерна“, 1987/’88) и во Нирнберг во 1991 г. Од неговите позначајни студиски престои во странство може да се издвојат: Архус, Данска; “Cité des Arts Internationale-Paris”, Франција; “Acme Art Studios”, Вилмингтон, САД; “Asolare Fine Arts Foundation”, Лексингтон, САД; “Imadate”, Јапонија; “Pi Artworks”, Истанбул, Турција; “Cromarty Arts Trust”, Кромарти, Шкотска; “In Situ”, Александрија, Египет; “Al Maken”, Тунис и многу други.
Сергеј Андреевски реализирал повеќе од 60 самостојни изложби низ целиот свет, и учествувал на повеќе од 200 групни изложби. Добитник е на многу државни награди.
Неговите дела се дел од збирките на бројни државни институции, музеи и приватни колекционери ширум светот, како: “Kunsthaus”, Нирнберг, Германија; „Imadate Art Museum“ во префектурата Фукуи, Јапонија; „Cameron Art Museum”, Вилмингтон и „Captain White House Museum“, Греам, Северна Каролина, САД; „Cromarty Arts Trust“, Шкотска; „Музеј на современа уметност“, Шенжен, Кина и други.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.