Со премиера на претставата „Сага (идентитети)“ на познатата македонската кореографка Рисима Рисимкин на 6 и 7 октомври во 20 часот ќе биде отворена 74-тата сезона на Националната опера и балет. Претставата е современ балет во два чина.
„Сага“ (идентитети) е возбудливо патување низ ритамот на седмата осмина. Низ заедничка креација со Националниот балет, кореографката Рисима Рисимкин, на извонредната музика на композиторот Тони Китановски, сценографијата на Матеа Мијановиќ и костимите на Благој Мицевски, ги открива идентитетите на Црвената и Црната нишка.
Либретото се базира врз народни преданија и современа поезија на македонски автори, во кое централно место зазема песната „Везилка“ на великанот Блаже Конески.
Во претставата, насловните улоги ги толкуваат прима-балерините Марија Кичевска Шокаровска и Мирјана Поп-Алексова Атанасова, како и истакнатата солистка Саша Ефтимова, придружувани од Балаж Лочеи (Унгарија) и другите солисти и ансамблот на Балетот при НОБ.
Многу вдахновени улоги остваруваат и младите балерини, кои се идната сила на Националниот балет, Наташа Трендафилова Гацев, Илијана Данилов, Христина Наќевска, машките солисти, Игор Велјановски, Ендрју Кук (Англија), Веселин Трајковски Алфред Јаго (Англија), Франциско Руиз (Шпанија) и Миро Митрачиновиќ.
Со комплетна поддршка на сите сегменти и тимови на Националната опера и балет, Националниот балет остварува една нова современа балетска претстава, која е со комплетна домашна авторска екипа. На сцената на Националната опера и балет, ќе видиме околу триесетина врвни танчери, кои заедно со авторската екипа, врз база на песната „Везилка“ на великанот Блаже Конески, како и мотиви од народното творештво, градат магичен, нестварен свет во кој, експресивноста зазема основно место – вели уметничкиот раководител на балетот при НОБ, Олга Панго.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.