Контрапункт во рамки на својата едиција за критичка теорија, политичка филозофија и современа култура „Пунктум“, која произлезе од платформата за критичка култура КРИК, ја објавува својата прва книга од македонски автор.
На 24 јануари (вторник), 2023 г. со почеток во 19 часот во Национална галерија „Чифте амам“ ќе се одржи промоцијата на книгата на Артан Садику, провокативно насловена „Субјект(ивна) политика“.
Промоцијата ќе биде во формат на дијалог помеѓу Артан Садику и Славчо Димитров кој е водечкиот теоретичар во сферата на критичката теорија, родовите и квир наративите. Артан Садику е еден од најмаркатните, исклучителните промислувачи на општеството, граѓанинот, новите форми на отпор и поинаквите, отстапувачки и неретко радикални форми на заедницата.
Садику е истражувач, теоретичар и активист кој има докторат по филозофија. Негови примарни научни интереси се теориите на субјектот, феминизмот, радикалните пракси во политиката и уметноста. Работел во Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје каде ја водел Школата за критика и политика и е основач на Левичарското Движење Солидарност и Културниот Клуб Синдиката. Студирал и истражувал во универзитетите во Минхен, Балтимор, Осло и Амстердам.
Димитров има дипломирано на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет на УКИМ, Скопје. Магистрира, првин, на Родови студии и филозофија на Институтот Евро-Балкан, а потоа на катедрата за Мултидисциплинарни родови студии на Универзитет на Кембриџ. Моментално ја работи својата докторска теза на Факултетот за медиуми и комуникации СИНГИДУНУМ во Белград.
Седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура започна во јуни, 2022 година и се одвиваше во неколку сесии на тема „Во постојан отпор“. Програмски уредници се Искра Гешоска и Артан Садику. Учесници на седмото издание на фестивалот беа: Нејтан Браун, Синтија Мичел (Канада), Билал Јилмаз (Турција), Лидија Хаѕиоану (Грција), во соработка со Тииит! Инк, Шејла Камериќ (Босна и Херцеговина), Петар Милат (Хрватска), Станимир Панајотов, Ангел Симитчев, Мартин Луканов, Иван Шентов (Бугарија), Феликс Фалцук, Јохана Хершел (Германија), Сезгин Бојник (Косово/Финска), Бен Вотсон (Велика Британија), Милица Пекиќ (Србија), Славчо Димитров, Никола Маџиров, Ивана Хаџиевска, Владимир Јанковски, Елизабета Шелева, Ивана Драгшиќ, Тамара Ристовска и други (Македонија).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.