Три поетски читања и учество на десетина поети од земјава и од странство, ликовна изложба, дебати и работилници за креативно пишување ќе се остварат во рамки на 34-тото издание на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, која оваа година ќе се одржи од 19 до 21 август во Велестово и Охрид.

Во петок, со почеток од 21 часот сретсело во Велестово, ќе започне официјалната програма со поетски портрет на македонската поетеса Лидија Димковска. Потоа, во 22 часот, ќе следи отворањето на ликовната изложба „Плачот на Адам“, на уметникот Никола Пијанманов, која ќе се одржи во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“.

За следниот ден од манифестацијата, односно 20 август, предвидени се настанот „OH READ ‒ Поетски викенд и работилница за млади од регионот“, серија настани кои ќе заппќнат во 11 часот претпладне во просториите на „Касарна ХАБ“ во Охрид.

Искуствата ќе ги споделат поетите од проектот OH READ: Селахатин Јолгиден (Турција), Мањола Наси (Албанија), Валентина Бакти (Србија), Диме Данов (Македонија) и Јулијана Величковска (Македонија).

Подоцна, во 18 часот, во кафе и бар „Шила“ во Охрид, ќе се одржи и интернационалното поетско читање на кое ќе настапат поетите од проектот OH READ, заедно со другите учесници на фестивалот, односно поетите Ким Симонсен (Фарски Острови), Лидија Димковска (Македонија), Алеш Мустар (Словенија), Ана Голејшка Џикова (Македонија) и Зоран Јакимоски (Македонија). Во рамки на читањето предвидена е и една куса дебата за значењето на книжевните преводи.

Фестивалот ќе заврши во недела, на 21 август, со уште едно интернационално поетско читање „Поезија ‒ Залез“ што ќе се одржи во природа, на локација во селото Велестово што се наоѓа во националниот парк „Галичица“, на кое ќе настапат сите поети учесници на фестивалот, а ќе се дебатира и за улогата на пејзажот во книжевноста, со што би ја подигнале свеста за екологијата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.