Со поетско читање и доделување благодарници и договор за идна соработка,  во саботата во манастирскиот комплекс „Св Спас“ во Горно Лакочереј  беше заокружен  Светскиот патувачки поетски фестивал „Прличев и Еминеску – поглед кон иднината“.

Во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев“од Охрид и престижната  Меѓународна академија „Михаи Еминеску“ од Крајова – Романија три дена во Охрид гостуваа поети од Романија, Унгарија, Словачка, Босна и Херцеговина, Бугарија,  Косово и Македонија.

Првиот ден во четвртокот во Прличевата одаја на Библиотеката се одржа мал научен симпозиум на кој присутните говореа за ликот и делото на двајцата поети од 19 век кои ги споија македонската и романската култура – нашиот Григор Прличев и Михаи Еминеску кој во Романија, како Прличев кај нас  е прогласен за национален поет.

Воведничари во темата беа академик Јон Деаконеску,  претседател на Академијата „Михаи Еминеску“ и м-р Милчо Јованоски, директор на охридската библиотека.

Свои обраќања во врска со темата и учеството на Светскиот патувачки поетски фестивал имаа поетите: Градимир Гојер, Бојко Ламбовски, Јетон Келеменди, Константин Барбу, Зоран Анчевски и Иван Антоновски. Присутните беа поздравени од академик Миле Д. Миќуновиќ, иницијаторот за овој настан и проректорката на УИНТ „Св. Апостол Павле“ проф. д-р Устијана  Речкоска – Шикоска.

По завршувањето на настанот поетите – гости имаа куса средба со други охридски автори и вработени во Библиотеката.

Од централниот настан снимено е и видео кое е веќе обработено и поставено на You tube каналот.

Првото попладне во Охрид поетите го поминаа со кафе и читање поезија во култниот „Аквариус“. Место кое над 30 години е мека на луѓето од културата а во него читале и беседеле и познатите македонски писатели и поети: Видое Видически, Матеја Матевски, Петре Бакевски, Георги Старделов,  ред други учесници на Струшките вечери на поезијата  а таа поетска приказна ја продолжи Славе Ѓорѓо Димоски со колегите.

Истиот ден гостите беа воодушевени од  убавината и богатото културно и историско наследство на Охрид.

Петокот беше резервиран за посета на Музејот на вода  кај Градиште и манастирскиот комплекс Свети Наум.

Со кафе и манастирска ракија подарок од Отец Нектариј поетите опиени од сината езерска шир и спокојот близу манастирот во Свети Наум одржаа ново поетско читање.

Светскиот патувачки поетски фестивал беше заокружен со уште едно читање во конаците на манастирот „Св Спас“ и дегустација на етно храна.

Договорено е соработката помеѓу Библиотеката и Академијата да продолжи и да се продлабочи  а наскоро е можно заеднички да биде издаден еден вид алманах со песни, биографии на учесниците и фотографии од охридската поетска дружба на македонски и англиски јазик.

Организаторот – библиотеката од Охрид на сите учесници им подари статуетки со ликот на Прличев, книги од македонски поети на англиски јазик и ред други подароци во знак на сеќавање на средбата.

Претседателот на академијата од Крајова, академик Јон Деаконеску го одликува академик Миле Д. Миќуновиќ со титулата Почесен член на Академијата во Крајова а министерката за култура на Македонија,  Бисера Костадновска – Стојчевска и  м-р Милчо Јованоски, првиот човек на охридската библиотека како најзаслужни за оваа светска поетска средба беа одликувани со медали „Михаи Еминеску“ од страна на Извршниот комитет на Меѓународната академија а беа прогласени и за Амбасадори на културата од страна на истоимената Европска фондација и Меѓународна академија „Михаи Еминеску“ од Крајова – Романија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.