Со оперската претстава „Турандот“ од Џакомо Пучини утре (29 ноември) во 20 часот ќе заврши манифестацијата „Месец на Пучини“.Спектакуларната продукција на епската бајка на еден од најславните и најбарани оперски режисери на денешницата, Џанкарло дел Монако, ќе се изведе на сцената на МОБ под диригентската палка на гостинот од Италија, Роберто Џанола (Италија),  режијата, сценографијата и костимографијата се на Џанкарло дел Монако, додека под кореографијата се потпишува Саша Евтимова, концерт мајстор: Климент Тодороски, хор-мајстор: Ѓургица Дашиќ, Јасмина Ѓорѓеска.

Настапувa врвна солистичка екипа: Хан Јинг Цо (Кина / Италија), Џејмс Ли (Јужна Кореја) ,Биљана Јосифов, Игор Дурловски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Дејан Стоев, Диме Петров, Марјан Николовски, хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Турандот“ е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, а базирана на адаптацијата на Фридрих Шилер на драмата „Турандот“ од Карло Гоци. Пучини умира недовршувајќи ја операта, која што подоцна е завршена од Франко Алфано. Одликувајќи се со „невообичаен“ музички материјал, во кој предничи иновативната употреба на хорот и оркестарот, стилот на Пучини во ова оперско дело е особено препознатлив во широките, експресивни мелодии.  „Турандот“ изобилува со моменти на восхитувачка мелодиска убавина, која особено доаѓа до израз во незаборавната тенорска арија, една од најубавите во оперската литература, „Никој не спие“(Nessun dorma).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.