Со настанот „Книжевната метафизика на Алесандро Барико: Метаморфоза на имагинацијата“, кој вклучува онлајн-разговор со авторот Алесандро Барико од Италија, се затвора годинешното, јубилејно издание на фестивалот на европска литература „Букстар“. Ова воедно е прв каков било директен контакт на големиот италијански и светски автор со својата македонска публика, oткако се случи преводот на романот „Свила“ на македонски јазик во 1999 година и со тоа неговото име стана сензација во нашиот културен контекст.

Разговорот ќе стави акцент на неговите најважни дела, на неговите ставови за литературата, на задоволството од пишувањето и читањето и за приказните што сè уште ги крие во себе.

Барико добива специјална награда „BookStar“ X10 за исклучителни достигнувања во литературата. Настанот ќе се одржи во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток во 18 часот.

Во текот на денот во „Лабораториум“ ќе се одржат и два настана од затворен карактер. Едниот настан е „Publishing Europe Fellowship“, замислен како професионален состанок меѓу странски и домашни претставници на издавачкиот сектор. Вториот настан е наречен „Мудар разговор“ и во него учествуваат странски и домашни издавачи, преведувачи, писатели и културни менаџери. Ќе се одржи и неформална туристичка тура „Кога писателот шета писатели“, која овој пат ќе ја предводи Тијана Милиќ.

Доделувањето на наградата „Букстар“ 2024 за трилогијата „Помеѓу рајот и пеколот“ на исландскиот писател Јон Калман Стефансон, се одржа синоќа во „Лабораториум“.

Статуетката и плакетата му ја додели Жарко Кујунџиски, организатор на фестивалот и главен уредник на „Антолог“, кој истакна дека дека оваа трилогија е длабока и интимна приказна.

Сеопфатно искуство кое продира најдлабоко во човекот, пружајќи му исконско патување низ природата – трилогијата „Помеѓу рајот и пеколот“ на Јон Калман Стефансон е доказ за лирскиот квалитет проткаен во прозно дело, односно умешноста на авторот да спои идиолект на поет со приказна зачната од прозаист…Сликовитиот приказ на немилосрдната исландска природа авторот го вовлекува до најдлабокото од човекот – очајот за да ја прослави спасителната моќ на пријателството. Oваа триологија може да се класифицира како исклучително лична и длабоко интимна приказна – не зашто читателот е внесен во чудесната природа во светот на Стефансон туку токму поради секојдневните чувства кои се обработуваат – тага, болка, надеж, радост. Годинашниот лауреат на наградата „Букстар“, Јон Калман Стефансон ја има таа моќ преку своето пишување и најсекојдневните случувања и чувства да ги направи уникатни патувања врз имагинацијата на читателот од кои тој нема да излезе ист, каков што бил на почетокот – истакна Кујунџиски.

По доделувањето на наградата авторот водеше разговор со Александар Маџаровски и Никола Маџиров.

На осумнаесет години сонував да станам астронаут откако гледав емисија во која Карл Саган зборуваше за универзумот. Бев целосно обземен од тоа богатство и од мистериите на универзумот – подоцна сфатив дека тоа е, на некој начин, и суштината на фикцијата, рече Стефансон.

Тој истакна дека не е тенденциозно неговото пишување за природата, како и тоа дека сака да пишува зашто сака да го промени светот и да допре најдлабоко во луѓето, да им ги исцелува раните.

Не пишувам свесно за природата. Тоа едноставно е во мене, тоа е начинот на кој дишам. За мене пишувањето е создавање на светот. Пишувачот е создавач, а со тоа е и бог. Но бог греши, зашто секој што создава греши. Не можеш однапред да знаеш за што да пишуваш. Едноставно седнуваш и почнуваш. Сакам да го сменам светот со пишувањето, сакам да ги допрам луѓето. Пишувам за да создадам живот, да се борам против заборавот. Пишувам зашто тоа е сѐ што можам да направам – истакна Стефансон.

Книжевната вечер и разговорот со авторите Жозе Луиш Пејшото од Португалија и Здравка Евтимова од Бугарија помина со многу овации од публиката. Авторите говореа за карактерите на нивните ликови, но и за она што го носат во себе како луѓе. Настанот го модерираше Александар Маџаровски.

Евтимова ја воодушеви публиката со своите силни, човечки пораки, истакнувајќи дека сите ние сме победници.

Суровоста не смее да биде она што нѐ води. Може сите некогаш да имаме таков период, но она што треба да нѐ води е човечноста. Мојата главна порака до луѓето е дека не може никој да ве победи, дека вие сте победниците! – истакна Евтимова.

Говорејќи за литературата како за алатка со која може да се води борба за праведност, Евтимова истакна дека литературата е почит кон сите луѓе, но не и борба.

Борба ме асоцира на борба со тупаници. Литературата е заедничко срце на сите. А ниедно срце не сака да биде удирано, зашто не само што ќе биде скршено, туку и ќе умре. Литературата е почит кон другите, а таа почит се спроведува само преку искреност. Треба да се говори вистината – рече авторката.

Португалскиот автор Жозе Луиш Пејшото говореше за миграцијата, но и како духовните и личните миграции ја обликуваат колективната историја на единките во општеството.

Не можам да пишувам за што сакам. Можам да пишувам за работите за кои сум способен да пишувам. Немаме секогаш план што да пишуваме. Она што мора да го направиме е да го најдеме нашиот глас, нашиот природен глас. Сите ние имаме различни живеалишта и истории. Можеш да живееш во Португалија, во Македонија, во Кина, во Мексико, но човековата природа секаде е иста – заклучи Пејшото.

Книжевната вечер заврши со концерт на „Чалгија саунд систем“.

Третиот фестивалски ден имаше богата програма и почна со „Книжевно отворање кон Европа – македонско искуство“ – втора конвенција на претставници на издавачкиот сектор во склоп на програмата Publishing Europe Fellowship. Настанот се одржа на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, каде што и средба со студентите имаат Мирженка Чехова и Паола Перети.
Соопштени беа и наградите за најдобар превод „Драги“ 2024, а во „Јуроп хаус“ се одржа панел-дискусија „Читајќи го и преведувајќи го Кафка“ во чест на светското одбележување на стогодишнината од смртта на Франц Кафка.

Фестивалот се одржува под слоганот „Преобразба“ и е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија, книжевната мрежа Традуки, ЕУ со тебе (Eu with YOU), Амбасадaтa на Германија, издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања се реализирани и со поддршка на Амбасадите на Република Чешка и Италија, Културно–информативниот центар на Република Бугарија во Скопје, Италијанскиот институт за култура во Белград, Исландскиот книжевен центар и Институтот за соработка и јазик „Камоеш“. Медиумски покровител на настанот е Македонската радио телевизија. Визуелниот идентитет е авторство на Маја Плачкоска, која го изработи и фестивалското видео.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.