Во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница синоќа беше отворена меѓународната изложба на карикатури, со што почна 16. фестивал на хумор и сатира „Ин Виница веритас“.
На отворањето на изложбата беше истакнато дека годинава на конкурсот на тема „Кој прв започна“ пристигнале над 420 творби од 170 карикатуристи од 43 држави во светот, а жири комисијата во состав Дамир Новак и Крешимир Квештек од Хрватска, Мирослав Хајнос од Полска, Маријана Иванова и Благица Стојановска од Македонија ги соопшти тројцата првонаградени.
Годинава првата награда и вредносниот ваучер му припадна на Хуан Габриел Бенавидес од Шпанија, второнаграден е Олексиј Кустовски од Украина, а третата награда ја доби Гергели Бача од Унгарија. Во рамки на фестивалот ќе го славиме хуморот, но не само затоа што нè забавува, туку и поради неговата повисока цел – да поврзува. Во денешницата што изгледа сè потешка, смеата е свежиот воздух што ни треба на сите, истакна Благица Стојановска, директорка на Домот на културата „Тошо Арсов“.
Почетокот на Фестивалот беше повод во употреба да биде предадена и реконструираната Сина сала на Домот на културата, а градоначалникот на Виница, Миле Петков истакна дека општината добива современо уреден простор за културни настани.
Се работи за функционален простор со капацитет од 250 седишта и посакувам оваа сала да стане место во кое ќе се случуваат бројни настани и манифестации што ќе придонесат за збогатување на културно-забавниот живот во нашата општина. Еден од нив секако е и „Ин Виница веритас“, кој веќе неколку години фигурира на интернационалната мапа на фестивали за хумор и сатира, пред сè поради учеството на врвни карикатуристи од целиот свет. Радоста и задоволството се уште поголеми што конечно имаме услови за одржување на вакви и слични културни настани, истакна градоначалникот Петков.
Веднаш по отворањето на изложбата на карикатури, во вечерниот термин стендап настап имаше актерот Сашко Коцев со комедијата „Широк дијафазон“, а Фестивалот продолжува денеска со традиционалната Вечер на македонскиот афоризам. Исто така, ќе биде отворена и изложбата на плакати „10 години Imposter“ од графичкиот дизајнер Маријана Иванова.
Во драмската програма во наредните два дена ќе гостуваат аматерскиот театар „Мирка Гинова“ од Демир Капија со претставата „Ти спиеш, тебе ти се спие“ и Народниот театар „Трајко Прокопиев“ од Куманово со комедијата „Љубовна терапија“.
Програмата на фестивалот ќе биде затворена со едукативни часови за епиграм со средношколците од Виница под менторство на Миле Ѓорѓијоски, во чии рамки ќе биде промовирана книгата „Палави епиграмчиња“ и изложбата на илустрирани епиграмчиња од Софија Ситновска.
Фестивалот „Ин Виница веритас“ и годинава се одржува со финансиска поддршка од Министерството за култура, а под покровителство на Општина Виница и локалниот бизнис сектор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.