Со македонското оро „Комитско“ во изведба на КУД „Илинден“ од Битола, вечер почнува 52. издание на Републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“.

Во пресрет на настапите на културно-уметничките друштва и филкорни групи од државата и странство, деновиве во Битола се реализира фестивалска предпрограма исполнета со изложби, работилници и за прв пат Интернационален етнографски филмски фестивал.

На фестивалската сцена ќе настапат повеќе од 1.000 учесници членови на ансамбли од повеќе македонски градови, а со оглед дека нашиот фестивал е член на светската фолклорна асоцијација ЦИОФФ, во Битола вечер ќе ги погледнеме и настапите на гостите од САД, Полска, Шпанија, Србија, Италија, Мексико и Колумбија, најави Маја Андоновска Илијевски, директорка на НУ Центар за култура-Битола, домаќин и организатор на фестивалот.

Годинава фестивалот „Илинденски денови“ се одржува под мотото „Од корените до цветот“, а корените датираат од 1971 година, вели м-р Валентин Соклевски, програмски селектор на фестивалот.

Фестивалот е прекрасен мозаик, традиција која потекнува од корените и од цветовите кои ја содржат креативноста на луѓето од овој фестивал. И годинава од Битола испраќаме желби за добро здравје, заедништво, соработка, мир и разбирање. И годинава, истакна Соклевски, додавајќи дека го славиме Илинден, верни на традицијата и на мисијата на фестивалот за заштита, промоција и афирмација на духовното и материјалното културно наследство, претставено преку традиционалната музика, игри, песни, обичаи, носија, инструменти и друго.

Утрово во градот, за прв пат на фестивалот и по Широк Сокак ќе мине битолската коњаница „Галоп“ и до 2. Август ќе се движи по патот на илинденците, информираа од НУ Центар за култура-Битола.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.