Утре, 26 август, во Сули ан, започнува тродневниот книжевен фестивал „Друга приказна“ #7, кој во Скопје ќе претстави 40-ина гости од регионот и од земјата. Вториот и третиот фестивалски ден ќе се одвиваат во МКЦ-Скопје.
Фестивалот во 18 часот ќе го отвори белградскиот трансдисциплинарен уметник Урош Крчадинац со претставување на два свои сјајни проекти: изложбата „Бантустански мапи“ и предавањето „Дигитална поетика“.
Рачно илустрираните мапи од патописниот роман „Бантустан“ на Крчадинац претставуваат сложени таписерии од пиктограми, идеограми, различни писма, грбови, лавиринти, тајни пораки и скриени симболи. Како патописен роман и рачно илустриран атлас, интимна исповед и збирка животни приказни, „Бантусан“ е приказна за поделбите, изолацијата, контактот и замислувањето на новата картографија на човековите односи на заедничката планета.
Предавањето „Дигитална поетика“ е базирано на двете сестрински книги на Крчадинац, „Тактилна поезија“ и „Оптимизирана поезија“, воедно дигитално-книжевен уметнички проект. Тие ги опишуваат новите поетски пракси за производство на текст во време на масовен надзор, вештачка интелигенција и дигитална комодификација.
Централниот дел од вечерта, со почеток од 20:00 часот, ќе биде настанот посветен на угледната писателка Дубравка Угрешиќ, која е и лауретка на овогодишното издание на „Друга приказна“. Во видео-разговор кој ќе го води Румена Бужаровска, таа ќе зборува за своето творештво и општествен ангажман. За вонредните остварувања на Угрешиќ во експерименталната проза свои излагања ќе имаат и Гоце Смилевски (писател), Мерима Омерагиќ (книжевна теоретичарка), Ирена Јовановиќ (книжевна критичарка)…
Воедно, две нови македонски изданија на Угрешиќ ќе бидат промовирани: нејзината најнова книга „Нарилник за вештерки“ и нејзиниот, можеби најпознат роман, „Штефица Цвек во челустите на животот“. Книгите се во коиздание на Темплум, Контрапункт и МАМА Загреб.
Првата фестивалска вечер ќе биде затворена со мал концерт на Димитра во 22:30.
Под слоганот „Нова писменост“ фестивалот ќе ги истражува експерименталните образовни практики во наставата по книжевност, критичката и демократска училница, создавањето на книжевните канони…
Четириесетината учесници од регионот и од нашата земја ќе се обидат да ги лоцираат современите текови на регионалната книжевна сцена, ќе разговараат за книгите на сјајни писател(к)и и поет(ес)и, ќе презентираат интригантни интердисциплинарни проекти кои го шират полето на културата…
„Новата писменост“, во контекстот на „Друга приказна“, меѓу другото значи и борба за поинакво, „поалтернативно“ разбирање на книжевноста, кое истовремено е пошироко, посинтетичко, и кое уште идеалистички веерува во моќта на книжевноста да ги менува човекот и светот.
Влезот на сите настани е слободен.
Фестивалот „Друга приказна“#7 е поддржан од ТРАДУКИ и од Министерството за култура на Република Македонија
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.