Завесата на 30-то, јубилејно, издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков”, кој традиционално почнува на Денот на незевисноста, синоќа ја кренаа актерите од прилепскиот театар „Војдан Чернодрински” со претставата „Глембаеви”, варијација на драмата на Мирослав Крлежа во режија и адаптација на Бранко Брезовац.
Годинашното фестивалско издание почна со изложба на фотографии од досегашните 29 лауерати.
Во конкуренција за единствената награда за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков”, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков и парична награда од 1.500 евра, се триесетина актери. Жирото ќе го предводи ланската лауретка, актерката Ѕвездана Ангеловска, која досега два пати ја има добиено престижната награда и актерите Нико Горшиќ и Петар Арсовски.
Актерската игра мора да се оцени во моментот кога се одигрува претставата, бидејќи секоја изведба во театрската уметност е различна. Постојат принципи како се оценуваат креациите, но секогаш е тешко без разлика колку вие имате искуство како жири, сепак комплексна е задачата. Но, полека се ќе се издвојуваат улогите, бидејќи ова е фестивал на актерот и се доделува само една награда, рече Ангеловска.
Вечер програмата продолжува со претставите „Анатомија на неверството” во продукција на Театарот Комедија од Скопје од Валентин Красногоров, во режија на Александра Кардалевска и „Четири еполети” од Хакиф Мулиќи во изведба на Градскиот театар „Мухарем Ќена” од Митровица, Косово.
Фестивалот се одржува во Центарот за култура „Антон Панов” во Струмица со финансиска поддршка од Министерството за култура и Општина Струмица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.