По повод Меѓународниот ден на знаковен јазик, Младинскиот образовен форум и Здружението на глуви и наглуви „Млад знак“ организираат настан под мотото „Слушни ме“. Настанот е дел од Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности и ќе се одржи на 23 септември 2024 година, со почеток во 18:00 часот, во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.
16/09/2024
15:12
Оваа вечер, која се одвива во чест на заедницата на глувите и наглувите, ќе биде исполнета со инспиративни говори од нејзини претставници. Говорниците, меѓу кои ќе се најдат сопственици на бизниси, професори, родители, толкувачи на знаковен јазик и млади лица кои имаат страст за музика, ќе споделат лични приказни за предизвиците и успесите со кои се соочуваат. Овој настан е ретка можност пошироката јавност да се запознае со убавината и важноста на македонскиот знаковен јазик, како и да се подигне свесноста за идентитетот и културата на оваа заедница.
Според организаторите, целта на „Слушни ме“ е да се прослави разноликоста на заедницата на глувите, истовремено испраќајќи порака за важноста на застапувањето и инклузијата на сите нејзини членови во секојдневниот живот.
Преку овие приказни за упорност и успех, сакаме да покажеме дека глувите лица имаат што да кажат и дека нивните животи и искуства се важни за општеството. Знаковниот јазик е средство за комуникација, но и симбол на еднаквост, изјавуваат организаторите.
Овој настан е отворен за јавноста, а сите заинтересирани се добредојдени да присуствуваат и да ги поддржат глувите и наглувите во нивната борба за поголема видливост и прифаќање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.