Од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), упатија реакција по повод најавениот штрајк на вработените во Филхармонијата.
Оттаму велат дека како синдикат кој ги застапува вработените во културата, згрозени се од наметнатата ситуација изминатиов период помеѓу колегите музичари од Националната филхармонија и џез музичарите.
Денешниот најавен протест на вработените во Националната Филхармонија е резултат на непланското, непрофесионално и нетранспарентно работење на Министерството за култура и носењето на одлуки без сериозна анализа, дијалог и пред сѐ, јавна дебата, се вели во реакцијата.
Според СКРМ, и вработените во Националната филхармонија и џез-оркестарот, како и сите други културни работници заслужуваат професионален пристап, достојни услови за работа, соодветна анализа на нивните потреби и потребите за функционирањето на секој тип институција, оркестар, здружение…
Од искуство знаеме дека кога условите за работа, посебно во објекти во кои се сместени две институции, ќе се влошат до степен на нефункционалност, тогаш решавањето на наметнатиот проблем ќе падне на грбот на културните работници, кои како и секогаш ќе бидат оставени сами да се снаоѓаат. Новите згради на институциите ги чекаме со години додека постоечките се распаѓаат. Нови вработувања и унапредувања нема каде што е најпотребно. Приоритетите се менуваат стихијно и барем до сега никогаш не биле цврсто поставени во културата, велат од Синдикатот.
Од СКРМ се надеваат дека Министерството во иднина ќе ја искористи можноста да соработува со културните работници и одлуките да ги носи во согласност со професионалните стандарди за работење во културата и взаемна соработка.
Го повикуваме Министерството за култура, како што направи раздор меѓу нашите колеги со несериозен пристап кон проблемите, така и да ја реши ситуацијата. Но, овој пат со сериозен, професионален и партнерски пристап. Сепак професионалните стандарди и модели за функционирање на националните филхармонии и различните типови оркестри одамна се поставени“, завршува реакцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.