Голема изложба со наслов „Скопски урбани приказни: Во пет и седумнаесет“, инспирирана од истоимениот текст на Ацо Шопов, по повод 60 години од скопскиот земјотрес и сто години од раѓањето на Шопов, ќе биде отворена од денеска до 9 јули. Отворањето е во Културно-информативниот центар – Скопје во 17.17 часот, а потоа изложбата продолжува кон Францускиот институт во Скопје, галеријата „Грал“, кон улицата на липите и на крајот кон „Пелистер“. Станува збор за своевидна прошетка низ градот преку изложба и сеќавања за 60 години од скопскиот земјотрес, во чест на Ацо Шопов.

Отворањето е закажано за 3 јули, на почетокот од програмските активности на „Скопско лето“. КИЦ ќе биде домаќин за отворањето, а од таму е почетокот на движењето кон другите локации на градот, каде што ќе бидат поставени делата на повеќе уметници. ДЛУМ побара соработка од повеќе институции, галерии, градски локации, а сакавме тоа да биде движење низ градот поттикнато од уметност како повеќепати организираните „Скопски урбани приказни“, но овој пат нема да трае само еден ден туку една недела, од 3 до 9 јули – вели Дијана Томиќ-Радевска, организаторка на изложбата.

Поканети се уметници од разни генерации, веќе познати имиња, како и млади нови генерации: Марина Лешкова, Жанета Вангели, Иванчо Талевски, Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, Марија Сотировска, Маја Кировска, Вана Урошевиќ, Соња Димовска, Тања Таневска, Ива Станковска, Душан Стефановски, Кристијан Јовановски, Игор Сековски, Ѓорѓе Јовановиќ, Драганчо Таневски, Татјана Ристовска и Борче Богоевски, Славица Јанешлиева, Маја Стефановска, Нина Гештаковска, Дејан Иванов, Ѓорѓи Динев, Стефан Јакимовски.

Мислам дека има многу уметници што сакаат да зборуваат за градот, загрижени се, реагираат низ свои дела и активности, некои млади генерации сакаат повеќе да научат за текот на историјата на градот. Така ми се оформија идејата и конструкцијата за изложбата. Минатата година го предложив проектот пред ДЛУМ, а колегите го прифатија. Како носителка на идејата, го добив предлогот од колегите за правото на кураторството на овој проект. Тоа значи избор на уметници, соработка со нив, посочување на материјалите, обезбедување простор и поставување, кураторски текст, медиумска покриеност, дизајн и печатење каталог. Јас не учествувам, но се посветив на другите уметници, соработката во текот на работата е многу битна, се грижев да добијат соодветен простор за нивните визуелни одговори. Така се охрабрив и се фрлив на работа. Се совпаѓаат двата јубилеја оваа 2023-та, 100 години од раѓањето на Ацо Шопов и 60 години од скопскиот земјотрес – вели Томиќ-Радевска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.