Издавачката куќа „Готен“ го организира настанот „Скопски колажи, претставување на Валентина Бакти“, кој ќе се одржи во кафе-книжарницата Буква, во среда (27 јули), со почеток во 20 часот. Повод за настанот е книжевната резиденција на Валентина Бакти во Скопје, која беше реализирана во јули.

„Скопски колажи“ е еден вид омаж на Валентина Бакти посветен на Скопје. Се состои од изложба на колажи и писма. Писмата се разменувани за време на нејзиниот резиденцијален престој во Скопје со српскиот актер Ѓорѓе Живадиновиќ Гргур, а колажите се направени од фотографии што ги имаат создавано таа и фотографот Диме Данов.

Изложбата на писмата и колажите ќе биде придружена со музичка изведба и читање поезија на Никола Маџиров, Владимир Мартиновски, Владимир Лукаш, Ѓоко Здравески, Иван Шопов и Андреј Ал-Асади.

Би сакал овој омаж на Скопје на скопската публика да ѝ остави простор за впуштање во малку попоетичен поглед на градот или барем она што остана од градот“, објаснува Валентина Бакти. „При спојувањето на различни елементи, кои вклучуваат и писма, Валентина создава дела што содржат нешто повеќе од збирот на своите елементи. Овие дела, освен тоа што се колажи тие се и претстави на нашите лични импресии од градот, како негови привремени посетители“, смета Диме Данов.

Валентина Бахти (Прокупље, 1995) е поетеса, преведувачка, актерка и фотографка. Нејзината прва двојазична книга поезија, „Помеѓу“, ја има објавено издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, а втората, „Да се скршат коските“, издавачката куќа „Дибидус“ од Белград. Таа е една од организаторите на Скопскиот поетски фестивал, а ги уредува и списанијата за книжевност и култура astronaut.ba и bludnistih.com.

Диме Данов (Неготино, 1996) е фотограф и поет. Негови песни се објавени во неколку печатени и електронски домашни книжевни списанија, како што се: ,,Допир“, ,,100.000 поети за промена“, антологијата ,,Гласови на новиот век: панорама на поновата македонска поезија“, a во препев на српски јазик негови песни се објавени во „Рукописи 37“, во „Енклава“ и во седмиот број на „Блудни стих“.

Ѓорѓе Живадиновиќ Гргур (Белград, 1990) завршил актерство на Новата академија за уметност во класата на Светозар Цветковиќ и Лилјана Тодоровиќ. Игра во речиси сите продукции на театарот „Рефлектор“, потоа во претставите на Центарот за културна деконтаминација, трупата „Хоп.Ла!“, Битеф театарот, Народниот театар во Сомбор и во други независни продукции, како и на телевизија. Посебно е заинтересиран за физичкото и танцот во театарот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.