Единствениот фестивал кој го прославува звукот на лимените дувачки инструменти и има за цел да ја истакне и промовира нивната улога во музиката Скопски Брас фестивал ќе се одржи од 3 до 5 јуни, со почеток од 20 часот, во Филхармонија.

Фестивалот ќе го отвори камерниот оркестар „Les étoiles“ (диригент: Ана Спасовска; солисти: Марио Јанковиќ и Стефан Илиев). Наредниот ден, публиката ќе има можност да го слушне неверојатниот унгарски тромбонист Ѓорѓи Живишијан, придружен од Шкељзен Бафтијари на пијано и Балкански Тромбонски Ансамбл. Последниот ден е резервиран за „Брас на кирилица“ – вечер посветена на македонски лимени состави.

Дополнително, во текот на сите три дена, во фоајето на Филхармонија, од 10 до 15 часот ќе биде поставена изложба на дувачки инструменти од брендовите на светски познатата компанијата „Buffet Crampon“.

Програмата на второто издание на Скопски Брас фестивал е искреирана со цел на посетителите да им овозможи да доживеат нови искуства и да се запознаат со лимените инструменти на сосема поинаков начин. Исто така, оваа година, на наше огромно задоволство, на фестивалот се придружува еден од најреномираните и најголемите светски производители на дувачки инструменти „Buffet Crampon“. Благодарение на оваа соработка, добиваме можност да ги презентираме дувачките инструменти во вистинско светло – како уникатни уметнички дела, кои го прават животот побогат – изјави Александар Ниниќ, претседател на „Макбрас Асоцијација“ и организатор на Скопски Брас фестивал.

Влезот на сите концерти е бесплатен и поканети се сите кои сакаат да го збогатат и освежат своето секојдневие со нешто ново и, секако, да уживаат во квалитетна музика. Капацитетот на салата е ограничен до 300 лица и вратите ќе бидат отворени до пополнување на капацитетот.

Настанот е поддржан од Министерството за култура, Град Скопје и „Макбрас Асоцијација“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.