Скопје танцовиот театар како прва танцова компанија од регионов, неделава ќе го оствари своето прво појавување во Париз, Франција, со изненадувачка претстава за нивната, но позната за македонската публика, која нè носи во земјата на соништата за да разговараме за нашата современост.

„Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Рисима Рисимкин е претстава со естетика од друго место. Рисимкин, која е на чело на Скопје танцовиот театар од 2011 година, е најпопуларната и најплодната македонска кореографка. Тамошните медиуми ја најавуваат нашата танцова компанија како сосема непозната во Франција, и покрај досегашните настапи на големите меѓународни сцени, па затоа тие ја промовираат како вистинско откритие, коешто публиката ќе го доживее на сцената на историскиот Национален танцов театар „Шајо“.

Со своите сценски уметници, Рисима Рисимкин уште за време на настапот на „Охридско лето“, ја доведе во прашање експресивноста на движењето во времето на пандемијата. Во вакви времиња, од кои можеби полека излегуваме, сепак Скопје танцовиот театар ни дава простор да истражуваме имагинарни идентитети, изнесувајќи чудни ликови, кои се плен на многу интензивен танц.

За претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ кореографијата ја направи Рисимкин, а музиката ја напиша Тони Китановски. Костимите ги изработи Благој Мицевски, а сценскиот дизајн е на Матеа Мијановиќ. Во претставата настапуваат Анастасија Данчевска, Мими Поп Алексова, Сара Цветковска, Бобан Русески, Дејан Битровски, Викторија Коцева, Стефани Шааршмит, Андреј Димовски и Емилија Милак.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.