Со завршна изложба со симболичен наслов „Поглед кон Порта Европа“, издавачката куќа „Арс Ламина“ вчеравечер (30 мај), во книжарницата „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“, го заокружи проектот „Порта Европа“. На настанот, кој беше во рамките на програмата на фестивалот за литература и општа култура „Видик“, беа претставени сите фази на проектот: победничките креативни решенија на кориците и избор од тие што влегоа во потесен избор на конкурсот, реализираните активности, постери, како и разделници за книги на рачно изработена хартија. Книжевната едиција „Порта Европа“ е сочинета од шест извонредни прозни остварувања од млади европски автори, добитници на Европската награда за книжевност, преведени на македонски јазик од најдобрите преведувачи во Македонија.

На средбата беше истакнато дека, иако со овој настан се означува финалето на овој амбициозен проект, кој „Арс Ламина“ го развиваше две и пол години, тој ќе продолжи да живее и да ја шири својата благородна мисија преку книгите од истоимената едиција и преку читателите.

Особено сме горди на овој проект, затоа што преку него промовираме и ќе продолжиме да промовираме високи книжевни вредности и професионални преводи на македонски јазик, да ги поттикнуваме и да ги промовираме младите креативци, да ја подигнуваме свеста за еколошките практики во книгоиздателството, да ги едуцираме учениците за важноста да се дејствува совесно во и кон животната средина, да ги поддржуваме малите бизниси чијашто дејност е поврзана со еден вид конзервирање на наследени традиции во процесот на производство на хартија и печатарски методи. Сето наведено погоре беше дел од реализацијата на концептот за проектот „Порта Европа“, во кој Европската унија препозна позитивен пристап со далекосежно влијание во заедницата. Затоа одлучи да го поддржи проектот „Порта Европа“ и да ја помогне неговата реализација – истакнуваат од „Арс Ламина“.

Кога се градела идејата за проектот, портите на светот сè уште не беа сосем отворени за новиот живот по непредвидената борба со вирусот Ковид-19. Преку оваа едиција, „Арс Ламина“ ги пречека и ги вдоми во огништето на македонскиот јазик, шесте извонредни книжевни дела од европски автори, кои зачекорија во македонскиот книжевен контекст со својот најпретставителен патен документ – Европската награда за книжевност што ја доделува Европската унија.

За преводот на македонски јазик на сите шест книги од едицијата беа ангажирани угледни и докажани преведувачи што ги изработија преводите на високопрофесионално ниво од изворниот јазик на оригиналните дела. Станува збор за преведувачите: Искра Бадева [превод од дански и од норвешки јазик на романите „Кожата е еластичната обвивка што го опфаќа целото тело“ од Бјорн Расмусен и „Книга за тагата (Приказна за Нилс во шумата)“], Ермис Лафазановски (превод од романски јазик на романот „Градина од стакло“ од Татјана Цибуљак), Дејан Василевски (превод од хрватски јазик на расказите „Почитувани бубачки и други морничави приказни“ од Маша Колановиќ), Ксенија Чочкова (превод од германски јазик на романот „Приказна за духовите“) и Весела Моловска (превод од португалски јазик на романот „Лекцијата на месечарот“ од Фредерико Педреира).

Прва активност при реализацијата на проектот „Порта Европа“ беше конкурсот за млади и домашни дизајнери и уметници во подем, кои требаше да понудат идејни решенија за кориците за шесте книги од едицијата „Порта Европа“. На конкурсот беа избрани идејните решенија на: Катерина Соколова (за романите „Кожата е еластичната обвивка што го опфаќа целото тело“ и „Лекцијата на месечарот“), Ивона Јанчевска [за расказите „Почитувани бубачки и други морничави приказни“ и за романот „Книга за тагата (Приказна за Нилс во шумата)“], Лара Маринковиќ (за романот „Приказна за духовите“) и Андреј Лавчански (за романот „Градина од стакло“).

Секоја од шесте книги од „Порта Европа“ се изработени од ФСЦ сертифицирана хартија, што подразбира стандард за еколошки одговорно, општествено корисно и економски одржливо управување со шумските ресурси. Книгата е медиум што преживеал и времиња и невремиња низ историјата на човештвото и сè уште одолева на заканите за нејзиното исчезнување како физички артефакт. Особено во денешната дигитална ера, кога и самото читање како глагол доживува трансформација. Сепак, се чини дека тактилната навика и потреба на луѓето нема да ја заменат набрзо новите формати, затоа човештвото најде начин како помалку да ѝ наштетува на природата за производство на книги, а тоа е токму посочениот стандард што има широка примена низ целиот свет. И „Арс Ламина“ е дел од светскиот тренд – рекоа од издавачката куќа.

„Арс Ламина“, исто така, организираше и спроведе две едукативни посети за основци, и тоа во печатницата „Бранко Гапо“ и во Националната работилница за рачна изработка на хартија во Охрид.

Проектот „Порта Европа“ е кофинансиран од Европската унија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.