Од 16 декември (петок) до 22 декември (четврток) во Кинотеката ќе имаме можност да видиме избор од шест филма од богатата филмографија на Анджеј Вајда (1926-2016). Шесте наслови хронолошки ги опфаќаат неговите рани (црно-бели) трудови: „Канал“ од 1957 година, „Пепел и дијаманти“ од 1958-та, „Невини волшебници“ од 1960-та, „Пепелта“ од 1965-та (епска сага за полските легии во Наполеоновите војски од почетокот на 19 век), како и двата иконични наслови од зрелата доба на авторот: „Човек од мермер“ од 1977-та и „Човек од железо“ од 1981-та.
Неговиот авторски потпис стои на шпиците на повеќе од 50 филмски и телевизиски проекти во Полска и интернационална продукција, има освоено 60 награди на најпрестижните филмски фестивали во светот и речиси уште толку номинации. Меѓу другите награди, во 1990 година ја добива „Европската филмска награда за животно дело“, на „Берлинале“ во 1996 година ја добива наградата „сребрена мечка“ за посебен придонес во филмската уметност, на Филмскиот фестивал во Венеција во 1998 година добива „златен лав“ за животно дело, во 2000 година и почесен „оскар“, а во 2006 година и почесната награда „златна мечка“ на „Берлинале“ – велат од Кинотеката во најавата.
Вајда низ неколкуте фази во своето филмско творештво ја дели судбината на неговите колеги и коавтори – од политичките пресии до признанијата на престижни филмски фестивали во светот. Во седумдесеттите години на минатиот век, историјата на филмот сведочи за зрелата фаза во творештвото на Вајда, кога се нижат филмовите „Без анестезија“ (1978) со награда на екуменското жири во Кан; „Човек од мермер“ (награда ФИПРЕСЦИ во Кан); „Човек од железо“ ги доби „златната палма“ и наградата на екуменското жири на Канскиот фестивал во 1981 и номинација за „оскар“, но тогашните комунистички власти во Полска го повлекле филмот. Во 1980-тите години, Вајда повторно снима европски копродукции. Со „Дантон“ (1983), со Жерар Депардје во главната улога, ја освојува националната филмска награда на Франција „Цезар“ за режија; во Германија ги снима „Љубов во Германија“, „Хроника на љубовните настани“ (1986), а во Франција го снима „Бесови“ (1988). И покрај годините, Вајда и на преминот на двата века снима филмови, речиси до самиот крај на животот. Во 2007 година го реализира „Катин“, историската драма за масакрот на полските офицери во Катинската Шума во 1940-та, кога настрадал и татко му, филм што бил прогласен за филм на годината во Полска, а добил и номинација за „оскар“ за најдобар странски филм. Меѓу последните реализирани филмски наслови му се „Слатко знаме“ (2009) со Кристина Јанда; биографската драма „Валенса“ (2013) за водачот на полското движење „Солидарност“ и повторно биографската драма „Последователни слики“ (2016) за животот и творештвото на полскиот сликар Владислав Стржемински.
Вајда секогаш го истакнувал компактниот тим со кој работел филмови во одредени периоди – од кинематографери, монтажери, сценографи и костимографи, меѓу другите – а секако и актерите со кои имал чест соработка. Најмалку тројца актери ги обележија неговите филмови или, обратно, може слободно да се каже дека Вајда низ своите филмови создаде неколку извонредни актери: Збигњев Цибулски, Даниел Олбрицки, Јежи Радзивилович, итн. Во тој авторски „хабитус“ на Вајда има и една исклучителна актерка, Кристина Јанда. Паралелно со филмот, Вајда поставува и успешни претстави во полските театри, често користејќи го методот да ја „провери“ темата на театарските штици, а потоа пред филмските камери. Таков е случајот со „Ветената земја, свадба“ (1973) и „Госпоѓиците од Вилки“ (1979), а подоцна и „Бесови“ (1988) според Достоевски и „Дантон“ (1983) – и двата во француска продукција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.