Ентони Дод Ментл британско-дански кинематографер со светска кариера и голем број награди, меѓу кои е и актуелната „Златна камера 300“ за животно дело на 43. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола, одржа мастер клас во киното „Манаки“.
Мастер класот беше модериран од Најџел Волтерс, поранешен претседател на интернационалната федерација на кинематографери ИМАГО и докажан промотер на битолскиот самит на кинематограферите од светот.
Претставувањето на Ментл – кој пред 13 години, во 2009 на триесеттиот јубилеен фестивал „Браќа Манаки“, стана добитник на Специјалната „Златна Камера 300“ – почна со неговиот своевиден автопортрет. Ментл ги запозна присутните кои ја исполнија салата на киното „Манаки“ со уметничките пасии на членовите на неговото семејство: одраснал во слободоумно семејство, без притисоци од родителите, мајка му била сликарка, а неговиот брат е книжевник. И Ентони мислел дека можеби ќе биде сликар, секогаш заинтересиран за игрите со светлината.
Како млад работел разни физички работи во Британија и во Данска, потоа поминал подолг период во Индија, каде што своевремено живееле и работеле неговите баба и дедо. Таму на најдобар начин го споил воодушевувањето од пејзажите и питорескниот социјален живот на тој континент и – фотографијата. Релативно доцна, на 26 години, од 1985 до 1989 година студирал камера на Националната Филмска Школа во Копенхаген (претходно завршил колеџ за фотографија и комуникации во родната Британија). Таму се случува средбата со професионалната судбина од првата фаза во неговата кариера: соработката со режисерите Ларс фон Трир и Томас Винтерберг, протагонистите на правецот „Догме 95“, кои се творци на, веројатно, последниот значаен филмски манифест во светската кинематографија, кој заговараше снимање филмови со камера од рака и природна светлина.
Ментл на кратко ги портретираше неговите најпознати соборци од разни фази на кариерата: Трир секогаш сакал да провоцира, Винтерберг во „Семејна прослава“ направил едноставна, но исклучителна поетика. За Дени Бојл, пак – со чиј филм „Сиромашниот милионер“ („Slumdog millionaire“) го освои „Оскарот“ за кинематографија; филмот доби вкупно 8 „Оскари“ – вели дека е забавен, но истовремено и брутален автор што сака да предизвикува.
Секој филм е „ѕверка“, има свој живот, и си зазема сопствена форма, па крајниот исход може да биде непредевидлив, истакна Ментл.
Тој посочи дека за него многу е битна екипата што работи на фотографијата и монтажата при реализацијата на филмот. Ако нема доволно соработка, а премногу его, тогаш процесот на снимање е многу напорен.
На мастер класот беа презентирани извадоци од неколку значајни филмови со потписот на Ментл, како „28 дена“ и „Сиромашниот милионер“ на Бојл, „Антихрист“ на Трир, „Последниот крал на Шкотска“ на Кевин МекДоналд… Ментл им откри сочни детали на присутните за воведната секс-сцена во „Антихрист“, снимена со професионални порно актери.
Ментл говореше за соработката со Винтерберг, кого многу цени како автор и кој му е близок пријател. За Трир, пак, Ментл откри дека кога го снимал „Антихрист“ бил во мрачно расположение (во кое се уште се наоѓа), потоа преточено и во атмосферата во филмот.
Сите кинематографери треба да го прават тоа што го сакаат и ги возбудува, посочи Ентони Дод Ментл на крајот на средбата со гостите на неговиот мастер клас.
Со слична мисла – дека авторите во нивните креации треба да бидат водени од срцето – Ментл ја прими статутката „Златна камера 300“ за животно дело и на церемонијата на свеченото отворање на 43. ИФФК „Браќа Манаки“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.