Се изготвува проект за реконструкција на зградата на Народниот Театар Штип. Директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип, Горан Трајков за МИА вели дека во моментов стручни лица работат на овој проект, кој предвидува нова ефикасна фасада, сала за публиката, нови простории за актерите, администрација, како и два апартмани за претстој на режисери или актери од други градови, кои ќе работат на проекти.

-Треба да се работи на подобрување на условите во самиот Театар. Јас како директор веќе работам на еден поголем проект, којшто наскоро ќе биде презентиран, следната година ова време треба да имаме нова театарска зграда. Ова е амбициозен проект, којшто мислам дека ќе успееме да го реализираме заеднички. Тука ќе има вклучено многу луѓе и мислам дека ќе имаме еден Театар којшто ќе прилега на градот, вели Трајков.

Посочува дека на средбата со министерката за култура во текот на минатата недела добил ветување дека ќе се озбебедат финансиски средства за реализација на проектот.

Штипскиот Народен Театар годинава ќе има шест претстави во нивна продукција, што, според актерите, е минимумот којшто еден театар треба да го има. Во вакви услови нивната реализација, секако, е голем предизвик, но велат дека истите не треба да бидат пречка за развивањето на театарската култура.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.