Самостојната изложба на ликовната уметница Марта Поп Антоска Башевска ќе се отвори на 08.06.2023 год. (четврток) во Уметничкиот Центар АРТ ХАБ во Скопје, ГТЦ, 2 кат, локал 306 , со почеток во 20 часот.
Ова е прва изложба на Glass Art во Македонија на која што ќе бидат презентирани над 30 скулптури изработени од мурано стакло како и предмети од применета уметност и моден дизајн.
Како што ќе напише во текстот за каталогот историчарката на уметност Маја Чанкуловска :
“Скулптурите и сликите-објекти на Марта Поп Антоска Башевска не само што го оплеменува човековиот животен простор, туку истиот и го дефинира преку својата појавност, што е еден од основните принципи на уметноста. Притоа, нејзините стаклени скулптури, изработени по принципот на топење на стаклото, се перцепираат како синтеза на скулптури и слики.
Чувствувајќи ги сите деликатни карактеристики на материјалот и почитувајќи ги сложените принципи на фузија на стаклото, односно процесот на негово топење, творбите на Марта Поп Антоска Башевска (една од ретките уметници кај нас која сосема е посветена на изработка на дела во стакло) ги поместуваат границите на овој цврст и кршлив материјал. При оваа фузија се постигнува ефект на органска материјалност, самите форми сугерираат брановидност и флуидност и креираат сопствена патека која се шири во хоризонтала и во вертикала. Секоја форма за себе нуди одвоена и комплексна уметничка приказна исполнета со мноштво на бои, пигменти и мунуциозно презентирани детали во некогаш сложена, а некогаш поедноставена композициска целина. Ликовноста во овие приказни е реализирана преку ненаметливите референции на сознанијата од кубизмот со имплицирана нагласена линеарност и плошност и секако рафинираноста на Виенската сецесија, односно Климтовата симболична колоритност, разиграност на површината и нејзините елементи, особено златните листови.
Асоцијативноста во сложните стаклени скулптури на Марта Поп Антоска Башевска се движи во повеќе насоки, па така преку меурите, листовите, покрупните и поситните фрагменти на моменти налик на ѕвездена прашина, откриваме (под)водни, космички и/или растителни светови (и бескрајни надреални комбинации на сите овие светови!). Скулптурите коишто се изработени во изминативе пет години, како и на најновите мозаици и слики, се израз на посветениот процес на изработка преку постојано експериментирање со материјалот, формите и боите, резултирајќи во фанастични безгранични светови на приказните коишто ни ги отвора авторката.”
Изложбата ќе ја отвори историчарката на уметност Маја Чанкуловска.
За сите љубитеи на уметноста изложбата ќе биде отворена до 28.06.2023 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.