Во четврток на 11 јуни со почеток во 20:00 часот, во Магазата Битола ќе биде отворена самостојната изложба на Доротеј Нешовски „Ноќна шума“- неизвесни значења и патот низ непознатото.
Куратор и автор на текстот е Дарко Алексовски, визуелен уметник.
Мноштво шарени вертикали со различни висини образуваат јасни геометриски структури, но истовремено се и без форма. Некои изгледаат како бранови, некои како планини, некои образуваат форма на амфитеатар – сите заедно означуваат гужва, како фигури во топла или дрва во шума. Сенките од овие форми изгледаат како непознати предели. Дали овие форми претставуваат вистински или замислени пејзажи? Помеѓу овие структури се наоѓаат и стаклени кутии полни со струготини од дрвени боици. Изгледаат како акумулации од неопределени остатоци од еден процес на физичко и метафоричко изострување. Врз кутиите се испишани нејасни, невозможни равенки – можеби како начин да се најде патот назад низ ноќната шума. Што всушност е шумата, ако не збир од неизвсни појави и прикази? Понатаму, низ стаклените кутии се забележуваат комплексни форми кои потсетуваат на фрагменти од кора од дрво. Овие форми висат низ просторот, поставени како истовремено да излегуваат од некоја замислена површина или да паѓаат од високо. Тука се и човечките силуети во различни положби на преобразба како фигури кои привремено го населуваат овој простор“ се вели во описот на изложбата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.