Романот „Фантомско стапало“ од Блаже Миневски, чие второ издание беше објавено деновиве во „Матица македонска“ од Скопје, излезе на бугарски јазик во Софија.
Бугарскиот превод од македонски јазик за книгоздателството „Изида“ е на Мариjан Петров, а уредник на едицијата е Пламен Тотев.
Во најавата за изданието меѓудругото стои дека се работи за фасцинантна наративна структура што може да се нарече „фантомска реалност“, која се „исчитува“ на повеќе нивоа во приказната, почнувајќи од она што го немаме а мислиме дека го имаме до она што го имаме а всушност го немаме. Притоа, особено фасцинантен е раскажувачкиот слој кој е препуштен на предметите и на вегетативно-минералниот свет, со кој приказната раскажана однатре, од срцето на самото постоење, го фиксира животот таков каков што тој нѐ помни, а ние сме го заборавиле.
Во препораката на издавачот стои дека станува збор за оригинална иновација која животот го воспоставува, чува и брани од самото срце на постоењето, а тоа што е раскажано трајно го фиксира она што поминало како никогаш да не поминало.
„Фантомско стапало“ е маестрална проза за постоењето надвор од постоењето, почнувајќи од лексичката свежина, преку мајсторските слики, па сѐ до начинот на кој се води приказната, пишува во најавата за бугарското издание на романот на Блаже Миневски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.