Оваа година, романот „Америка“ од Жарко Кујунџиски го доживеа својот превод на италијански јазик и книгата од печат излегува паралелно и кај нас во издание на „Антолог“ и во Италија за светскиот пазар во издание на издавачката куќа „Besa Muci“.

Преводот на италијански јазик е објавен со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“.

Кујунџиски (Скопје, 1980) – македонски романсиер, есеист, драмски автор, поет, преведувач и филмски критичар. Дипломирал во 2003 година, а подоцна и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Бил колумнист во дневните весници „Утрински весник“ и „Дневник“, основач и уредник на електронското списание „Репер“ (www.reper.net.mk), копирајтер во маркетинг-агенција и прес-координатор на Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ од Битола. Главен уредник е на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје.

Автор е на 11 книги. Негови дела се преведени на англиски, српски, хрватски, словенечки, полски, германски, турски, бугарски, италијански, украински и на албански јазик. Застапен е во повеќе антологии на македонската проза и поезија. Неговиот расказ „Кога се губат очилата“ е дел од реномираната антологија The Best European Fiction 2013.

Добитник е на голем број книжевни награди и на една награда за глума. Член е на Друштвото на писатели на Македонија и на македонскиот ПЕН-центар.

Романот Spectator е прв дебитантски роман во современата македонска книжевност со осум изданија и досега е преведен на полски и на англиски јазик.

Дополнително, оваа недела од печат излегува уште еден превод на роман од Кујунџиски на странски јазик. Имено, со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија читателите ќе може да ја читаат „Сфинга на гневот“ на албански јазик. Македонски кандидат за наградата „Балканика“ за 2021 година на албански го преведе Бесник Емини.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.