Во присуство на многубројна публика, книжевници, театарџии и претставници од медиумите, вчеравечер (14 февруари), беа промовирани романите „Ние“ од Ана Стојаноска и „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска.
Настанот беше дел од програмата на „Денови на литературата“.
Во име на жирито на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман се обрати Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина“). Промоторка на „Ние“ беше уредничката Татјана Димовска-Атанасова, а на „Мастилна мапа“ – уредничката Оливера Ќорвезироска.
На конкурсот за наградата „Пегаз“ за 2021 година, која е во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата „Славко Јаневски“, се пријавија и учествуваа 44 ракописи. За победникот одлучи жирито во состав: проф. д-р Владимир Мартиновски, писателката Фросина Пармаковска и Бисера Бендевска. Покрај лауреатот – „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков, можност за објавување добија и ракописите „Ние“ и „Мастилна мапа“.
– По темелното исчитување на сите пристигнати ракописи, генералниот впечаток беше дека доминираше реалистичното писмо и жанрот трилер. Покрај победничкиот роман, во најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2021 година ги разгледавме и ракописите „Ние“ од Ана Стојаноска и „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска, кои се издвоија од мноштвото по своите книжевни вредности – оригиналната нарација, структурните и стилските квалитети – истакна Бендевска.
Романот „Ние“ е концентриран на една навидум обична љубовна приказна, помеѓу една писателка и нејзиниот маж, а всушност раскажува неколку попатни приказни, постхумно откриени од страна на нејзиниот сега веќе возрасен син.
– Романот е составен од три дела – три раскажувачки перспективи – јас, ти и ние. Книгата си игра и со приказната и со читателите, создавајќи една динамична наративна линија, во која еден настан е раскажан и низ призмата на машкиот и низ призмата на женскиот главен лик, која, иако мртва, ја контролира приказната. Внатрешниот свет на љубовната двојка Ана и Марко, авторката го прикажува исклучиво низ призма на емоциите. Нишките на нивната љубов ги плете сетилно, онака како што им се испреплетуваат прстите, телата, животите… Во заднината на сцената на која се случува љубовта, свири трубата на Ибрахим Малоуф. И станува сеедно дали трите наративни перспективи се слични, различни, реални или фиктивни. Секоја од приказните има сопствена мелодија, свој ритам на отчукувања на срцето – истакна уредничката Димовска-Атанасова.
Стојаноска создала роман што излегува од рамките на вообичаеното раскажување и покажува како една љубовна приказна може да биде третирана како наративен предизвик. Ова е четврти нејзин роман, по „Јас и Лин, отпосле“ (за кој го доби „Рациновото признание“ за 2017 година), „Дијалози во еднина“ и „Лебед“.
„Ние“ е посвета на една љубов. Откако го напишав „Лебед“, мислев дека нема да можам долго да пишувам. Но, се случи идејата за „Ние“ речиси истовремено со почетокот на пандемијата. Сакав да напишам роман во кој една вообичаена љубовна приказна ќе ја раскажам од позицијата на секој партнер посебно. Женската страна во Јас-форма, машката во Ти и, на крајот, да заокружам со заедничката преку „Ние“. Меѓутоа, секогаш е така во пишувањето, од едно тргнувам, потоа приказната ме подзема под свое и станува малку поразлична од мојата примарна идеја. Како и во секое дело на секој писател, автобиографските елементи се преплетени со приказната што имаме потреба да ја раскажеме. Во „Ние“ личното стана двигател на дејството. Зашто не може да се пишува силно, емотивно или експресивно, ако не се распостелиш пред читателот, ако не прокрвавиш, ако не оставиш дел од себе. Фикцијата ни остава простор да додадеме нешто свое, интимно, да го замаскираме во измисленото. Не може да постои фикција без лични сведоштва. Некогаш сме свесни за тоа како писатели, некогаш несвесно ги споделуваме. Пишувањето, за мене, е еден вид ткаење, создавање на мултидимензионален свет составен од многу различни треперења во мене. И секој роман, секоја книга ја пишувам на различен начин. „Ние“ се развива како вообичаена љубовна приказна, но решава да си игра со читателот. Во суштината, секоја од моите книги е своевидна игра со читателот. Јас пишувам за љубовта. Не дека досега не се пишувало за љубов, напротив. Но, кај мене тоа е предизвикот. Преку љубовната приказна да раскажам нешто друго. Да се предизвикам себеси да им избегам на клишеата, на веќе слушнатите приказни, да се изборам со поривот во себе. Без разлика дали пишувам поезија, роман или расказ, дури и драма, секогаш тргнувам од некоја љубовна приказна. Најчесто испреплетена со музика. Со многу музика. Така беше и со „Ние“ – изјави Стојаноска.
Романот „Мастилна мапа“, пак, раскажува за тајна чувана со години, пренесувана преку допирот на мастилото. Приказна што ги поврзува легендите, желбата на човекот за семоќност и вечното прашање: дали постоиме само ние или живееме во паралелни светови? Сè почнува со една обична тетоважа што ќе биде причина за играта наречена живот или смрт. Случајна средба ги поврзува девојката и инспекторот кои влегуваат во трка со времето, следејќи го убиецот кој постојано чекори пред нив. Ќе ја откријат ли приказната чувана со векови, која за обичниот човек е мит, а за оној што верува – порив да не запре додека не ја реши загатката?
„Мастилна мапа“ е комплексен роман. Со развиена приказна, паралелно водена на повеќе нивоа, со вештина за поврзување на паралелните светови, на минатите времиња и сегашноста. Повлекување конци од сите страни и нивно водење сè до целосната плетка на прецизно книжевно писмо. Многу ликови, дозирање на книжевни информации и лизгање низ темпорално поставените раскажувачки партии што носат возбуда и поттикнуваат на читање без застанување. Оваа дарба за сиже и особено за негово фабулирање е лесно препознатлива: од влегувањето во приказната – почетокот на романот, па низ целиот негов тек, меандрирањата и, секако, финиширањето со прецизна обмисла – подвлече уредничката Ќорвезироска.
Марија Ралповска е млада авторка, која твори од најрана возраст, а првата книга ја има објавено на 14 години. Зад себе има повеќе публикации. Ова е нејзин втор роман во издание на „Арс Ламина“, по трилерот „Сенки во подземјето“.
Приказната за „Мастилна мапа“ се роди во 2020 година, за време на пандемијата со КОВИД-19. Тоа беше период полн со предизвици и неизвесност за сите нас, но јас успеав да ја насочам целата моја енергија кон идејата за нов роман и она слободно време што го имав го искористив за пишување. Романот припаѓа на жанрот трилер, но се обидов да протнам и доза фантазија низ него. Обожавам да пишувам и ја сакам криминалистиката, па така во овој роман се испреплетуваат мојата професија и моето хоби. Четирите години што ги поминав на Факултетот за безбедност ми донесоа знаење што често го користам додека пишувам, внесувајќи се во умот и играта на криминалецот, но и начините на неговото фаќање и изнесување пред лицето на правдата. Главната протагонистка, Валерија е млада и храбра девојка, којашто и покрај раните од детството успева гордо и самостојно да чекори низ животот. Филип е млад, но амбициозен инспектор кој деноноќно работи за да ги фати криминалците и да ги стави зад решетки. Негативецот е студен и себичен лик, внесен во своите приказни и духови од минатото што го водат низ темната страна на животот. „Мастилна мапа“ има цел да го заинтригира читателот, да ја разгори неговата љубопитност околу прашањето што се провлекува низ целата приказна: што се крие во универзумот, дали постои нешто друго надвор од орбитата на нашата планета? Од друга страна, романот носи порака за светлата и темната страна на животот, за изборите што нѐ градат во личности во кои прераснуваме, за борбата на доброто и злото и дека на крајот на денот секогаш постои трошка надеж – рече Ралповска.
Со промоцијата на новиот научно-фантастичен роман на Хари Кацановски, „Анатрос“, во четврток на 16 февруари (четврток) во 19 часот во „Литература.мк“ на ул. „Македонија“ ќе биде заокружена промотивната програма на „Денови на литературата“.
Книгите се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.