По успешните соработки на претставите „Животот е…“ (кабаре) во Националната опера и балет, „Дупло дно“ од Горан Стефановски во Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и „Женска гардероба“ од Арношт Голдфлам во Театар „Комедија“, режисерката Наташа Поплавска и вокалистот и композитор Ристо Вртев подготвуваат ново дело, овојпат станува збор за рокенрол-мјузикл со наслов „Архангелот над Скопје“.
Претставата се поставува на музика на македонскиот рок-бенд „Архангел“, создадена од Ристо Вртев. Приказната зборува за животот на градот Скопје во периодот на неговото созревање од деведесеттите години на минатиот век, па сѐ до денес. Урбаниот скопски живот ќе се прикаже преку животот на транзиционите генерации, кои сакаат да направат промена во културно-општествениот живот, наспроти баналната стварност која ги фрла на маргините на општеството.
Премиерата на мјузиклот „Архангелот над Скопје“ ќе се одржи на 24 декември 2022 година, во Македонскиот народен театар, со почеток во 20 часот.
Претставата е во продукција на Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“, а е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија, во соработка со Македонскиот народен театар и Театар „Комедија“.
Во мјузиклот „Архангелот над Скопје“ автор на музиката, лириката, текстот и изведувач е Ристо Вртев, а режисер и дизајнер е Наташа Поплавска. Во авторската екипа се и Дејан Матиќ како автор на видеоанимациите, кинематографер е Љуљзим Луиџи Бејта – Буцо, а видеопродукција е „Машина продакшн“. Дизајнер на светло е Милчо Александров, а аудиодизајнер е Бојан Угриновски.
Покрај Ристо Вртев, учествуваат и актерите Нина Елзесер, Стефан Спасов, Јована Спасиќ, Антонио Ташковски, Ања Митиќ, Лазар Христов, Ана Грамосли, Гоце Андонов, Катерина Јовановиќ, Ведран Чешарек, Ана Јованoвска, Кире Ацевски, Мина Јелушиќ, Марија Талеска, Мартина Даниловска, Марко Младеновиќ, придружени од музичарите: Зоран Костадиновски – гитара, Виктор Николовски – бас гитара, Благоја Антовски – тапани, Сашко Николовски – тромбон, Кирил Кузманов – саксофон, Трајче Велков – труба и Стефан Илиевски – клавијатури.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.