Леа Рејчел фон Есен, автор на книжевната веб-страница Book Riot ја вброи книгата „Резервен живот“ на македонската писателка Лидија Димковска меѓу 15-те фантастични книги од Југоистоична Европа кои се достапни на англиски јазик.
Фон Есен вели дека ја користела дефиницијата за Југоисточна Европа како: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Црна Гора, Македонија, Романија, Србија, Молдавија и Словенија, обидувајќи се да вметне во изборот по барем еден автор од секоја од земјите.
Многу од овие земји беа низ превирања во изминатиот век. По распадот на Југославија во 1991 година, беа исцртани нови граници и отцепувања, насилство и нови политички режими го преминаа регионот. Преминот во градење нација, во прашањата за јазикот и меморијата, во обидот да се најде смисла за насилството и политиката, предизвика нов притисок во националната литература, оживување што доведе до нови романи на хрватски, српски, романски, бугарски и многу други јазици, вели таа.
Овие земји (од околу 12,5 милиони луѓе) се поврзани по регион, но тие се составени од огромен мозаик на култури, етникуми, јазици и, се разбира, литература. Сепак, многу од современите автори од овие земји остануваат релативно непознати, а премалку книги од регионот стигнаа до нас во превод на англиски јазик, продолжува авторката на изборот.
Романот „Резервен живот“ е издаден од издавачката куќа „Или-или“ во 2012 година. Според тематиката, романот спаѓа во групата романи-хроники во кои се прикажува нечија животна биографија. За овој роман, Димковска ја доби наградата на Друштвото на писателите на Македонија „Стале Попов“ за најдобар роман, како и наградата на Европската унија за 2013 година. Романот е преведен уште и на словенечки, унгарски и бугарски јазик.
Злата и Сребра се сијамски близначки, поврзани кај главите. Нивниот живот во Скопје е често тежок – тие се третирани лошо, изолирани, а нивното семејство нема многу. Двете девојки имаат многу различни надежи за иднината, и двете често сонуваат за денот кога некако ќе ги најдат парите што би можеле да им овозможат операција за разделување. Колку повеќе растат, толку повеќе очајуваат од можноста – и кога Сребра ќе одлучи дека сака да се омажи, тоа ја загрозува нивната и онака кревка стабилност. Во оваа метафора за трансформацијата на Македонија, Димковска пишува долга, цврсто исткаена приказна за идентитетот и што значи да се има независност, вели Фон Есен во описот на романот преведен од Кристин Е. Крејмер.
Целосниот избор можете да го погледнете ТУКА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.