По изминати 30 години од неговата последна средба со македонската културна јавност Националната галерија го најави отворањето на Ретроспективна изложба на Димитар Кондовски на 5 мај во објектот Даутпашин амам. Куратор на проектот е Емил Алексиев.

Ретроспективната изложба со творештвото на Димитар Кондовски (1927-1993) ќе ги опфати сите периоди од неговата творечка дејност. Димитар Кондовски зад себе остави импозантен творечки опус со уште несогледани димензии. Од овие причини, целта на оваа изложба е систематизирање на дејноста на овој исклучителен автор и расветлување на оние доминантни аспекти кои ја одредуваат неговата творечка дејност.

Димитар Кондовски е еден од малкумината македонски ликовни уметници чие творештво остави неизбришлив, длабок и траен белег во времето. Неговиот исклучителен творечки опус е камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност. Својата творечка дејност Кондовски ја надоврзува на две значајни насоки по кои и денес се движи ликовната уметност.

Едната детерминанта која го одредува неговото творештво е геометриската апстракција. Таа својот особен израз ќе го најде во геометриската конструкција на неговите дела, користењето сложени математички пресметки за да се постави основната композиција, геометриските модули и канони за одредувањето на пропорциите.

Втората детерминанта во творештвото на Кондовски е сликарството на знакот и симболот. Во неговите дела знакот секогаш поседува високо симболична вредност. Тој уметноста ја разбира како херменевтика, како откривање на шифрата на светот, како пронаоѓање на тајниот клуч на универзумот – истакнуваат од Националната галерија.

Кондовски е роден во Прилеп, во 1927 година, а починал во Скопје, во 1993 година. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград, во 1952 година. Во 1958 година бил на студиски престој во Париз, а во текот на 1961/62 година специјализирал ѕидно сликарство во Рим. Од 1952 до 1956 година работел како професор по ликовно воспитување во Скопје. Од 1956 до 1960 година работел како илустратор. Од 1960 до 1972 година бил слободен уметник.

Од 1972 до 1980 година бил професор на Педагошката академија во Скопје. Во 1980 година бил избран за професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде работи до 1987 година. Во 1991 година бил избран за член на Македонската академија на науките и уметностите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.