Со осветлувањето на илјадитиот крст на црквата „Свети Јован Канео“, професорот Зоран Тунтев го реализира проектот „Охрид-град на 1.000 крстови“. На овој начин создадовме уште една приказна по која ќе биде препознатлив градот, вели тој посочувајќи дека на овој начин се промовираат сакралните објекти кои ги изградиле нашите предци, потенцирајќи ја нивната генијалност и љубов кон Бога …
Со осветлувањето на крстот и објектот на црквата Свети Јован Канео професорот Зоран Тунтев го заокружи тригодишниот проект „Охрид – град на 1.000 крстови“. Ако нашите предци сакале на најдобар начин да ја покажат хармонијата помеѓу бога, народот и природата избирајќи идеална локација каде што ја изградиле црквата, како што вели тој со малку инвентивност само ја потенцирал нивната генијалност.
Дојдов на идеја да пробам во неколку наврати да добијам крст на фасадата, од апсидниот, од тој источниот ѕид на Свети Јован Канео и мислам дека снимката најдобро ќе ја долови таа засега од дистанца, тој прекрасен крст кој го маркира пак цел град Охрид, како вистинска религиозна дестинација“, изјави проф. д-р Зоран Тунтев-Факултет за туризам и угостителство Охрид.
Охрид е вонсериски град и ние мора да го промовираме во светот, а овој проект е само мал придонес градот да има уште една приказна по којашто ќе биде препознатлив.
Ако веќе пледираме да градиме туризам врз база на религиозните вредности што ги има ова место, мислам дека ова е вистински начин да го заокружиме тој проект наречен „Охрид-град на 1.000 крстови“, да се наметне повторно како дестинација со силен религиозен предзнак“, додава проф. д-р Тунтев.
Мисијата на Тунтев не завршува тука, бидејќи веќе шест години го реализира и проектот „Охрид град на светлината“ во чии рамки се осветлени повеќе десетици културно-историски споменици, цркви и други значајни објекти. Од локалната самоуправа очекува само поддршка околу одржувањето на она што веќе е направено.
извор: www.mrt.com.mk
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.