Денес се одржува Конференцијата за добитниците на суб-грантови од проектот  „Регионална мрежа за културна разновидност“ – РЕАД, а воедно и завршна конференција на целиот проект. Проектот е финансиран од ЕУ кој имаше за цел преку културна размена во областа на книжевноста да поврзе 5 земји.

На Конференцијата се поделија видливите резултати од обемниот проект, кој траеше четири години и остави траги во регионалната културна сцена меѓу 5 земји. Регионалниот проект опфати иницијативи од земјите: Македонија, Албанија, Косово, Србија и Турција.

Проектот РЕАД траеше четири години во кои биле доделени 92 грантови на регионални граѓански организации, одржани се 13 изданија на литературни фестивали на кои присуствувале над 450 автори, преведувачи и активисти.

Како што соопштија организаторите на конференцијата, во рамки на проектот се преведени и промовирани 57 книги, одржани се 39 регионални работилници за млади, 30 автори имале едномесечен резиденцијален престој во една од земјите учесници и повеќе од 15 000 луѓе биле во допир со проектот „READ на тркала”.

Целта на овој регионален ЕУ-проект беше да промовира вештини за читање меѓу рaзличните култури и демократски вредности преку зголемување на интересот за читање, ставајќи на располагање висококвалитетни книжевни дела од регионот.

На денешната конференција се обрати ЕУ Амбасадорот Дејвид Гир, Амбасадорката на СР Германија Петра Дреклсер, раководителката на Гете-институт Скопје во Македонија Катрин Оствалд – Рихтер, како и проект менаџерот Марија Чорбева – Пеновска.

Исто така учество земаа раководителите на партнерите на проектот Бујар Лума од ЦБЦ Лоја, Македонија, Маја Вуковиќ Бисерко од Крокодил, Србија, Ирена Точи од Албанија и Мехмет Демирташ од Турција, авторите Ѓоко Здравески поет од Македонија како и поетесата Радмила Петровиќ од Србија. Дел од темите беа и „Вештачката интелигенција и издаваштвото”, „Достапни фондови за финансирање на проекти за млади“, како и „Зацврстувањето на културата преку соработка на владиниот и невладиниот сектор”.

Проектот РЕАД го постигна токму тоа што вообичаено го прават книгите, отвори нови канали за комуникација меѓу културните актери во регионот и нови видици за соработки и партнерства на културен план.“ – Велат од Гете-институт Скопје

Регионалниот ЕУ проект РЕАД имаше за цел да промовира вештини за читање меѓу рaзличните култури и демократски вредности преку зголемување на интересот за читање, ставајќи на располагање висококвалитетни книжевни дела од регионот.

Конференцијата се одвива три дена 5-7 јуни, во Холидеј Ин во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.