Утре (четврток, 14 декември) во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“ ќе се одржи Разговор со поетот Андреј Ал-Асади, чија стихозбирка „Секој секому огледало“ е книга на месецот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.

Андреј Ал-Асади е едно од најавтентичните поетски имиња од најмладата генерација. Со неговата стихозбирка „Секој секому огледало“(издание на ПНВ Публикации) Библиотеката жанровски ја проширува кампањата „Читаме современи македонски автори“, доближувајќи им на читателите и поети од актуелната книжевна продукција.

Станува збор за прочистена и зрела книга, со рафиниран израз и „особен“ поетски јазик. Сите песни се длабоко промислени, експресивни, со амбиција да ги продлабочат и прошират видиците на поетскиот свет. Во нив се препознава вистински мајстор, кој поетските синтагми ги спојува во најубавите и најасоцијативните слики во современата македонска лирика – подвлекува поетот Славе Ѓорго Димоски.

Андреј Ал-Асади (1996, Лондон) дипломирал на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје. Автор е на стихозбирките “Midnight Blues” (2013, Антолог), како и „Под дервишовото сиќе“ (2018, ПНВ Публикации), „Небесна геометрија“ (2019, ПНВ Публикации) и „Секој секому огледало“ (2021, ПНВ Публикации) со кои влезе во најтесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат СВП. Автор е и на збирките раскази „Друго минато“, за која во 2018 г. ја доби наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“ од „Темплум“, и „Утрото на бессоните“ (2021, Бегемот). Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали, негови песни се преведени на повеќе јазици и застапен е во неколку антологии. Член е на платформата „Версополис“ и на организацискиот одбор на Скопскиот поетски фестивал.

Модератор на разговорот е Александра Јуруковска, а стихови ќе чита актерот Андреј Серафимовски. Настанот е дел од богатата програма на Град Скопје – европска престолнина на културата за 2028 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.