Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје денеска ќе се одржи разговор со поетесата Долорес Атанасова-Лори, чија стихозбирка „Сега ТИ стануваш ЈАС“ е книга на месецот.

„Сега ТИ стануваш ЈАС“ (издание на „Чудна шума“) е последната, осма книга од вториот циклус на кампањата „Читаме современи македонски автори“ којашто ги промовира македонските писатели и македонскиот јазик.

Погледни го човекот во себе и погледни го човекот во другиот, и ќе видиш се’ што сме направиле и се’ што би можеле да направиме, не сме ние толку различни еден од друг, повеќе сме исти на различен начин. Во нас живее се’ од секого, нешто од тоа е будно, нешто заспано, ние сме она што одбираме да го разбудиме во нас, стои во белешката од авторката Долорес Атанасова-Лори.

Д.А.Лори својата прва збирка поезија „Будење во трето лице еднина“ ја издава во 2014 година, во 2016 година од печат излегува „Со ветрот под рака“, а во 2019 година нејзината трета книга, „Небо во кафез“. Добитник е на наградата ֦Тодор Чаловски֞ за 2019 година, по што излегува четврта книга ֦Ќе фатит бран”. Нејзини песни се објавувани во поетската збирка 100.000 поети за промена и е-книгата Поетискон, како и на страната на Словокулт, онлајн магазин за уметност и литература, и Fixpoetry, германска платформа за литература на интернет.

Нејзината поезија е објавена во монографијата на Астални проекции, како и во најстарото македонско списание за литература, култура и уметност, „Современост“. Таа е добитник на интернационалната награда на Антево Слово, која за првпат беше доделена во 2017 година во склоп на италијанската поетска манифестација Ангело ла Векија. Во 2020 година за книгата поезија „Небо во кафез“, беше во првите пет номинирани за наградата Браќа Миладиновци“ на Струшки вечери на поезијата. Нејзините стихови се превдени на германски, англиски, српски, хрватски, италијански и шпански. Во 2023 година излезе нејзината петта поетска збирка „Сега ти стануваш јас“ во издание на Чудна шума.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.