Романот „Писмо за Глорија“ од писателот Живко Грозданоски е книга на месецот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје и по тој повод денеска се организира разговор со авторот.

Разговорот со Грозданоски ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски, во спомен-собата „Т’га за југ“ утре, 3 април, во 19 часот.

„Втора година по ред, во кампањата ‘Читаме современи македонски автори’, првата недела од месецот го реализираме и Разговорот со авторот – за читателите одблизу да чујат нешто повеќе за процесот на пишување на самата книга. Ова е одлична можност со делото да се запознаат и оние кои досега не го прочитале“, велат од библиотеката „Браќа Миладиновци“.

Во „Писмо за Глорија“ процесот на пишување е еден вид терапија, па книгата отвора важни прашања и за себеприфаќањето. Овој роман е еклатантен пример за тоа како (авто)фикцијата може да биде книга за себеосознавање, себесоочување и самопомош преку клучот и лавиринтите што тој ни го отвора низ бескрајните предели на убавата литература – вели Фросина Пармаковска во освртот кон романот.

„Сакам да ѝ искажам благодарност на библиотеката ‘Браќа Миладиновци’ за тоа што ја одбра ‘Писмо за Глорија’ за книга на месецот, за тоа што го препозна значењето на ова дело, исто како што и жирито на ‘Роман на годината’ лани ја препозна вредноста на донкихотовската битка на еден писател, кој низ интроспекција и ‘интроспекција’, ја преточува својата приказна од чашата на автобиографијата во чашата на фикцијата и назад, не само во обид да излезе накрај со самиот себе, да дојде до разбирање, прошка и до надминување, туку да се приближи и до подлабоки, понови, поохрабрувачки вистини“, вели писателот Грозданоски.

Живко Грозданоски е роден во 1986 година во Кичево. Основно училиште завршил во Бигор Доленци и во Кичево, средно во Скопје. Дипломирал на Катедрата по италијански јазик и книжевност. Пишува проза и книжевност за деца. Неговите кратки раскази се преведени на десетина јазици, а неговите романи се преведени на бугарски („Куфер за тројца“, „Или-или“, 2014) и на италијански („Последното име на иднината“, „Антолог“, 2018). Преведува и препејува од и на италијански јазик.

Романот „Писмо за Глорија“ (во издание на Или-Или) е достапен во сите подружници на библиотеката „Браќа Миладиновци“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.