Во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје денеска ќе се одржи разговор со Александар Русјаков, автор на романот „Хотел меѓу две војни“ – книга за месец февруари во библиотеката.

„Хотел меѓу две војни“ е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа, пред сè, многубројните војни од првата половина на ХХ век, судбините на Мустафа и Елени се претставени преку вештите меандрирања помеѓу биографските факти и многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите.

Книгата е добитник на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2021 година и на Рациновото признание во 2022 година.

Разговорот е дел од големата кампања на скопската градска библиотека „Читаме современи македонски автори“ и е од отворен карактер. Книга на месецот „Хотел меѓу две војни“ ќе биде тема и на Клубот на читатели предвиден за 25 февруари.

Разговорот со Русјаков ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

Кампањата „Читаме современи македонски автори“ започна во септември 2022 година, како поддршка за домашното книжевно творештво.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.