Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје денеска, на 7 март организира книжевен разговор со Јулијана Величковска, авторка на „Годишни времиња“ која е книга на месецот во библиотеката.

Книжевната средба ќе започне во 19:00 часот во Спомен собата „Т’га за југ“, а разговорот ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерката Ива Милчова.

’Годишни времиња’ е кусо, но интензивно патување низ времето низ седумдесетина приказни од секојдневието, низ само навидум едноставни и банални нешта. Раскажувањето е едноставно, разбирливо, на одредени места прозата поминува во поезија, па и во музика. Јазикот е едноставен, секојдневен што го прави ‘Годишни времиња’ разбирлив за сите генерации“, пишуваат од библиотеката.

Се работи за првиот роман на Величковска, кој е објавен во 2014 година, а досега доживеал четири изданија. Во 2017 година, книгата е издадена и на бугарски јазик во превод на Поли Муканова.

„Годишни времиња“, информираат од библиотеката, ќе биде тема и на Клубот на читатели на 25 март.

Јулијана Величковска дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, коосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмски директор на „Поетска ноќ во Велестово“, Охрид. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Таа е автор на неколку стихозбирки и книга за деца.

Разговорот со Величковска е дел од кампањата на библиотеката #ЧитамеСовремениМакедонскиАвтори што има за цел да ги доближи делата од современите домашни автори до што повеќе читатели.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.